Промовирани нови 68 двокатни автобуси за ЈСП „Скопје“
Јавниот градски превоз во Скопје од денеска на располагање има уште 68 нови двокатни автобуси со ретро дизајн од кинескиот производител „Јутонг“, донација од Владата за ЈСП „Скопје“. Автобусите, кои од денеска ќе бидат вклчучени во редовна употреба, беа промовирани во присуство на премиерот Никола Груевски.
Двокатните автобуси ги исполнуваат сите потребни стандарди, односно имаат емисија на издувни гасови „ЕУРО 4“, дигитален тахограф, автоматски управувана рампа за инвалидски и детски колички, целосно се климатизирани.
- Пред година и нешто многу луѓе не веруваа дека ветувањето на Владата за обнова на возниот парк на ЈСП „Скопје“ ќе се реализира. Се прашувам има ли сега некој што не верува дека овој проект ќе биде целосно реализиран. Нема таков. Ве уверувам дека ќе биде реализиран и дека Скопје ќе добие целосно нов возен парк за градскиот превоз, порача премиерот Груевски на промоцијата на автобусите.
Тој истакна дека во Скопје од денеска ќе се возат вкупно 216 нови автобуси од планираните 313 за целосна замена на возниот парк на ЈСП.
- Новите автобуси стануваат доминантна категорија на скопските улици. Драго ми е што ваквиот тренд го следат и приватните превозници со што можеме да констатирме дека постои бран на целосна смена на старите автобуси како во јавниот, така и во приватниот превоз, рече Груевски, нагласувајќи дека тоа ќе помогне за поздрава животна средина и побезбедно возење.
Со двокатните автобуси, нагласи, се задржува традицијата од 60-тите години на минатиот век и паѓаат во вода тврдењата дека биле небезбедни и оти не можеле да сообраќаат по скопските улици и под подвозниците.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески посочи дека со двокатните автобуси градот Скопје има нов лик и е препознатлив, бидејќи се својствени само за македонскиот главен град.
- Пред да го реализираме прокетот за обнова на возниот парк на ЈСП Скопје во главниот град се возеа автобуси стари четириесетина години со лоши услови. Денешниот ден означува уште еден чекор кон овозможување на пристоен превоз на граѓаните на Скопје, рече Јанакиески.
Досега, додаде, се пристигнати 136 двокатни автобуси, 80 нископодни и 16 миниавтобуси за приградските линии.
Градоначаникот на Град Скопје Коце Трајановски истакна дека со пуштањето во сообраќај на новите 68 двокатни автобуси граѓаните на Скопје поудобно ќе се возат и ќе им се намали времето на чекање на станиците.
- Денеска ја промовираме втората испорака на 68 двокатни кинески автобуси. Досега 70 отсто од возниот парк на ЈСП Скопје е заменет, а во 2013 сме во очекување да пристигнат уште 64 двокатни автобуси и 17 двокатни панорамски автобуси од Јутонг, рече Трајновски.
Најави дека наскоро ќе биде отворена и новата хала за проверка на масло и на системот за сопирање на возилот, а од 2013 година и системот за електрионска наплата на билетите, и за следење на возилата на ЈСП. Следнава недела, додаде, треба да се потпише и договорот за нови 280 автобуски постројки кои треба да бидат готови за осум месеци.