Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во нашата држава.
На средбата е предадена телеграма со честитки за формирањето на новата Влада на Република Северна Македонија, од рускиот премиер Михаил Мишустин, до премиерот Заев и во која се изразени заложби за унапредување на билатералната соработка во иднина.
Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари со возвратен поздрав и констатација дека стратешки интерес на нашата држава се членството во НАТО и интеграциите во ЕУ, но нашата земја го почитува традиционалното пријателство со Руската Федерација и соработката во областите од взаемен интерес за граѓаните, како што се економијата и културата.
„Оваа Влада има подобри шанси пред себе да го унапреди квалитетот на живот на нашите граѓани, бидејќи се затворени крупните предизвици коишто стоеја на патот на евроатлантските аспирации. Сега се насочуваме како Влада и јас лично, првенствено кон резултати во економијата. На тој пат сме подготвени на принципиелна економска соработка со сите држави – пријатели на нашата земја. Владината коалиција цениме дека е поставена на стабилни основи и во очекуваниот полн четиригодишен мандат нашите цели се подобар животен стандард на граѓаните и реализација на европските перспективи“, рече премиерот Заев на средбата со амбасадорот Бездникин.
На состанокот се потврдени заедничките определби за континуитет во трговската размена и економската соработка.