Лидерите на Европа за премиерот Заев на врачувањето на наградата за човекови права во Берлин: Заев покажа храброст и лидерство со кои се промени судбината на неговата земја и судбината на Западен Балкан и тој пат треба да го следат лидерите на Европа

На претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска во Берлин му беше врачена престижната награда за човекови права за 2020 година.

На церемонијата организирана во негова чест од страна на фондацијата „Фридрих Еберт“ говореа голем број на европски политичари, а наградата му ја врачи министерот за надворешни работи на СР Германија Хајко Мас.

Претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Курт Бек истакна дека тоа што премиерот Заев го направи за Северна Македонија и Европа е од исклучително значење, бидејќи вашиот придонес за човековите права, особено преку концептот „Едно општество за сите“, е придонес за вредностите на Европската Унија.

Министерот за надворешни работи на СР Германија, Хајко Мас, во својот поздравен говор со кој и ја додели наградата на премиерот Заев во своето обраќање на церемонијата истакна дека Зоран Заев го донесе достоинството на демократијата во неговата земја како прв чекор кон Европа.

Мас потенцираше дека неговата земја, заедно со Северна Македонија ќе продолжи да работи и во наредните денови за да се постигне успех и да се одржи првата меѓувладина конференција, во времетраење на германското претседателство. Сојузниот министерот за надворешни работи, Хајко Мас нагласи дека политиките на премиерот Зоран Заев влеваат надеж за многу нерешени конфликти на овој свет и дека наградата му ја врачува на еден реформатор, далекуглед политичар и пред се Европеец.

На церемонијата беа презентирани повеќе видео обраќања со честитки и многу емотивни пораки за Зоран Заев.

Поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас нагласи дела политичките достигнувања на Зоран Заев зборуваат самите за себе. Тој како особено важни ги издвои важните политички реформи, историскиот Договорот во Преспа, Договорот за соработка и пријателство со Бугарија, отворањето на преговорите со ЕУ. Ципрас истакна дела Заев покажа храброст и лидерство со кои се промени судбината на неговата земја и судбината на Западен Балкан и дека се надева дека неговиот пат ќе го следат повеќе лидери на Европа.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Приштина и Белград и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак во својата видео изјава рече дека Зоран Заев го потсетува на изјавата на Нелсон Мандела дека нештата изгледаат секогаш невозможни додека не се направат, но Заев од невозможното направи реалност со храбро и одговорно лидерство зашто тој наоѓаше решенија таму каде што другите гледаа непремостливи пречки.

Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен потенцираше дека Зоран Заев им припаѓа на оние лидери кои се насочени кон иднината и со тоа го смени текот на историјата и ја донесе Северна Македонија таму каде што припаѓа – во ЕУ.

Премиерот Заев паричниот износ од наградата за човекови права ќе го донира во солидарниот здравствен фонд на Северна Македонија за борба со КОВИД-19.


Премиерот Заев на доделувањето на наградата на Фондацијата Фридрих Еберт во Берлин: Наградата е комплементарна на мојата лична филозофија: дијалог пред сè, конфликт никогаш

 

На претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска во Берлин му беше врачена наградата за човекови права за 2020 година што ја доделува Фондацијата Фридрих Еберт.

Во знак на благодарност премиерот Заев имаше свое обраќање кое во ова соопштение ви го пренесуваме во целост:

Почитувани претставници на фондацијата Фридрих ЕбертКурт Бек и Мајкл Мајер,

Почитуван министер за надворешни Хајко Мас,

Почитувани присутни,

Почитувани граѓани на мојата татковина,

Се чувствувам благодарно, но истовремено и скромно примајќи ја денешната престижна награда на Фондацијата Фридрих Еберт. Фондација која има речиси сто годишна историја, проткајана со огромни успеси посебно на полето на промовирање на слободата, еднаквоста и солидарноста.

Ова се темелни демократските вредности кои градеа и продолжуваат да градат цивилизациски придобивки со крајна цел – планетарна добробит, безбедност, одржливост, транспарентност и бескомпромисна борба против секој еден никулец на авторитаризам. Тоа е поттикнување на искажување на слободната волја и градење на едно општество за сите, без разлика дали зборуваме локално или глобално.

Оваа награда која е создадена на иницијатива на високо почитуваните Карл и Ида Фејст и која е инспирирана од нивната долгогодишна борба и поддршка за правата на работниците и нивното движење е комплементарна со мојата лична филозофија – живот за сите, еднаквост за сите, дијалог пред се, конфликт никогаш!

Мојот животен пат е разноврсен, пораснав во скромно семејство,  и многу често истакнувам дека работата, желбата за повеќе, е она што не гради како луѓе. Притоа никогаш да не заборавиме кои сме, од каде сме, што носиме во себе како етичка компонента и најважното од се, кое го преточувам и во мојот политички речник – успевај, слушај, надоградувај се и секогаш имај подадена рака за тие што имаат помалку од тебе.

Токму и заради овие вредности одлучив да влезам во политиката. Бев градоначалник на мал и преубав град на југот на Северна Македонија, мојата Струмица. Подоцна како претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја започнав мојата кариера во едно многу турбулентно време за државата. Држава во тоа време за жал беше заробена. Од држава која беше првенец во регионот на Западен Балкан во евро-интеграциите, се сведе на темен вилает на неколку локални моќници. 

Она што сакам да го предочам е дека ретко кој дигаше глас против овој темен процес. Како и многупати низ историјата, јас би рекол како од калап вадени диктатори кои се благи на збор а силни во тупаницата успеаја да направат тектонско поместување и да ја искористат националистичката реторика, за да креираат херметички затворено општество. За жал -  самодоволно, тивко, агресивно, без желба за дишење на слободата со полни гради и послушно.

Нема ниту еден епитет во наводници од ова што го кажав, кој му е својствен на мојот народ. Затоа и 2016 излеговме на улиците. Сите политички чинители, сите желни за слобода на мисла и говор, сите на кои им беше доста од автократијата и самопрокламираната олигархија, рекоа НЕ!

И ова НЕ на граѓаните кои беа маргинализирани и уплашени, направија едно големо ДА!

ДА за Европска држава, ДА за прогресивните процеси, ДА за крај на неразумните кавги со соседите, ДА за едно општество за сите, ДА за НАТО, ДА за подобар живот за сите!

Првиот стих на нашата химна вели: „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“. Слободата е нашиот мотив, сонцето е наша инспирација.

Би лажел ако кажам дека изминативе четири години се лесни. Не се. Најпрво моравме да ја ослободиме државата од стегите на партизацијата и да донесеме професионализација, процес кој е болен и трае и ќе трае се до конечна слобода.

Понатаму, се соочивме со огромни социо-економски предизвици. Ја реструктурираме економијата со нов иновативен и инклузивен поглед. Тоа е економија која е правична и отворена за секого подеднакво. И конечно но и најважно, нашиот демократски столб - слободно судство.

Сега се соочуваме со планетарна криза – Коронавирусот. Но, ние сме мали ама жилави. Имаме одличен план кој го реализираме во борбата не само со вирусот туку и со сите импликации кој тој ги носи  притоа држејќи ги во фокус сите потреби на нашите граѓани. Верувајќи во мултилатералниот пристап, успеваме да се дигнеме над проблемите и заедно со нашите партнери во Европската Унија и НАТО да почнеме да закрепнуваме.

И во сите тие услови рековме дека е време за дијалог. Дијалог за сите отворени прашања. Дозволете во оваа прилика да потсетам на двата клучни договори кои ги постигнавме со нашите соседи и со кои историјата ја искористивме како алатка за градење на иднината, за создавање на нови мостови на соработка.

Човековите права и правото на самоопределување на секој еден граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото.

Затоа, непобитен е фактот дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност.

На крајот дозволете ми оваа награда ја посветам на сите генерации кои ја градеа и градат државата, на секој еден кој даде придонес во формирањето на цврсти темели на мирот и слободата но и да ги поттикнам и се надевам инспирирам генерациите кои доаѓаат после нас.

Борбата за демократија, општествена и економска правда не е конечен чин. Таа е постојана, се менува, се прилагодува, учи и секогаш без разлика на тоа колку некој ќе ја потисне – излегува на површина.

Истовремено би сакал да изјавам дека парите од наградата ги донирам во нашиот државен солидарен фонд во борбата против Ковид-19.

Ви благодарам за честа која ми ја укажавте мене и на граѓаните на Северна Македонија.