Средба на премиерот Заев со претставникот од Европскиот комитет, Гнатовски: Поздравени се напорите за усогласување со европските стандарди

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Никола Гнатовски, претседател на Европскиот комитет за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

На состанокот е поздравен новиот мандат на премиерот Зоран Заев и се изразени очекувања за успех на европските перспективи на нашата држава. Констатирано е дека Република Северна Македонија е „успешна приказна“, бидејќи изминатите три години има направено прогрес во многу области на патот кон усогласувањето со европските стандарди и дека премиерот Заев и Владата прават видливи напори за значителни исчекори и во делот на заштитата на човековите права и владеењето на правото.

„Работиме на европеизација на нашата држава, како на планот на евроинтеграциите, така и на создавањето европски услови за работа и квалитет на живот дома. Фокусирани сме на заштита на здравјето на граѓаните, но и на напредок во другите области, а меѓу нив е и подобрувањето на условите во затворите и напредок, натамошно унапредување на заштитата на човековите права“, рече премиерот Заев.

На средбата е поздравено зголемувањето на платите на вработените во затворите, а е разговарано и за важноста од унапредувањето на условите за заштита на здравјето на лицата во затворите, за што е определена Владата како и за планот реконструкција на неколку затвори во земјава, меѓу кои се и затворот во Идризово и Истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари.