Груевски: Македонија има кадар и капацитет и за дијалог и за преговори со ЕУ
Македонија е подготвена за водење на дијалогот на високо ниво, бидејќи во земјата веќе подолг период се вршат подготовки за почеток на пристапните преговори, изјави денеска во Дојран премиерот Никола Груевски.
- За овој дијалог сме целосно подготвени, a ние сме подготвени и за почеток на преговорите, што беше нашата цел, преку оваа форма да дојдеме до формален почеток на преговорите. Македонија има и доволно експерти, но и државните институции веќе имаат голем број добро обучени кадри во сите институции на системот кои што би моеже квалитетно да го водат процесот. Се разбира целосно ќе бидат вклучени министрите и јас како премиер и се надевам работите ќе одат во добар правец, рече Груевски по пуштање во употреба на пешачка патека крај Дојранското Езеро.
Тој информира дека во рамки на подготовките за почеток на преговори, 880 лица во сите владини институции се насочени кон оваа материја веќе подолг период, односно 4-5 години.
- Се подготвувааат, работат, опслужуваат секакви прашања поврзани со ова, праќани се на многу обуки, работат на 33 поглавја и дополнително, во секое министерство имаме одговорен за политичкото поглавје. Имаме голем тим кој што подолг период се подготвува, кој што присуствувал на состаноци во Брисел, така што тие нема да бидат нови во овој процес и нема да им биде прв пат да се занимаваат со одрдени прашања кои што сега ќе бидат предмет на дијалог, потенцира премиерот Груевски.