Груевски: Притисоците со пренагласување на слабостите ќе имаат обратен ефект, остануваме на истите приоритети за членство во НАТО и ЕУ
Новата тактита на одредени поединци или на дел од меѓународната заедница да се врши притисок врз Македонија за прашањето за името со тврдења дека не правиме доволно за реформите и со пренагласувања на слабостите е погрешна и нема да постигне резултат, туку ќе даде обратен ефект. Ова прашање не се решава со сила, со ставање на целиот притисок само врз едната страна. Сепак, остануваме на истите приоритети за членство во НАТО и ЕУ и на реформскиот пат, и тоа во моментот е наш стратешки интерес. Дури реформите и да не го дадат очекуваниот резултат во однос на нашето придвижување во НАТО и ЕУ, тие се добри за земјата, за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Ова, меѓу другото, го истакнува претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, во интервју за МИА, вио кое се осврнува на Извештајот од ЕК, разликите со Грција околу уставното име, спроведувањето на реформите...
МИА денеска во целост го објавува првиот дел од интервјуто, вториот ќе го објави утре.
Како сте задоволен од извештајот на ЕУ за Република Македонија?
- Македонија во изминатата година направи многу реформи и голем напредок. Се работеше макотрпно и посветено. И како резултат на таа работа, Македонија заслужено доби позитивен извештај од ЕУ, на чија основа доби и потврда на препораката за почеток на преговорите. Трета година по ред добиваме позитивен извештај и препорака за почеток на преговорите, нешто што е несомнено голем успех за сите граѓани на нашата земја, за сите институции и за сите политички партии. Покрај тоа, друга придобивка е што од наведените забелешки и констатирани слабости од тој извештај ќе произлезат идеи за нови реформи и подобрувања, што секако ќе ја придвижат земјата напред.
Но, се чини дека изјавите на комесарот Штефан Фуле беа нестандардно остри за Владата, на што и Вие реагиравте со невообичаено за Вас остра реторика. На што се должи ова?
- Ова се должи на новата тактика на одредени поединци или дел од меѓународната заедница во однос на притисокот на Македонија за решение за името. Тие веруваат дека ако јас и Владата прифатиме некоја од грчките варијанти за решение за името, тогаш се решава проблемот со името, поточно дека нашата поддршка ќе значи успешен референдум. Тоа е голема грешка и како резултат на тоа грешно верување нивната тактика е да вршат притисок врз Владата и врз мене како премиер, во правец дека не доволно правиме за реформите и со пренагласување на слабостите, да бидеме во непријатна ситуација. Тоа би требало да е наше девалвирање пред јавноста, на кое очекувањето е ние, како политичари, денеска нашата Влада, но утре и секоја друга, да одговориме со прифаќање решение по секоја цена, за да не олабават од ваквиот вид критики. Оваа тактика ни беше најавувана индиректно, а некогаш и директно, и не е важно кој ја смислил, дали поединци во Брисел, или подалеку, сепак, резултатите ги гледаме, таа се спроведува. Иако лично мислам дека тоа е тактика која ќе даде обратен ефект, со оглед дека веќе се спроведува, немам избор, освен да се справувам со неа. По една година или две кога ќе се соочиме со фијаското од тактиката, двете земји ќе бидат многу подалеку од решение, отколку што се сега. Ова прашање не се решава со сила, особено не на ваков начин, кога целиот притисок се става на едната страна, а на другиот скоро и да нема притисок. Нашиот народ вели: „не можат по атот, па по самарот“.
Значи да очекуваме ваков вид пренагласено истакнување на слабостите од повеќе страни во иднина?
- Да, од многу страни. Разни меѓународни НВО, здруженија, институции, политичари, експерти… ќе добијат поддршка и од некои медиуми веројатно. Методите се веќе познати и никој нема да се изненадува или како што вика Балашевиќ во една негова стара песна, …принципот е ист, се останато се нијанси. Целта е јасна: притисок за решение на спорот по секоја цена.
Дали со ова сакате да кажете дека Македонија нема слабости во судството, јавната администрација, слободата на медиумите, корупцијата…
- Не, напротив, секако дека има слабости и потреба од подобрувања, од нови реформи, мерки и секоја сугестија во таа насока е секогаш добродојдена. Ние не спиеме на тоа уво дека се е розево во Македонија. Имаме проблеми, има наталожени проблеми и практики, кои ниту почнале, ниту ќе завршат со нас, како што е тоа секаде во светот, реформи во овие сфери, но и пошироко се потребни секаде, и во регионот, но и пошироко, но, сепак, факт е дека и ние многу работиме и многу направивме во правец на нивно подобрување. И ќе продолжиме да го правиме тоа. Но, во овој случај ќе се соочиме со пренагласување на тие слабости, сериозно пренагласување, кое е наменско, а во прилог на овој факт оди едно едноставно објаснување дека на состаноците кои ги имаме со одредени претставници на меѓународната заедница во 90 проценти од разговорите се дискутира за прашањето за името, а 10 проценти за останатите теми, меѓу кои и споменатите реформи. А кога ќе излеземе на прес-конференција по состанокот или кога ќе се пушти соопштение за јавноста од нивна страна, ситуацијата изгледа обратно: како попатно да сме го спомнале прашањето за името, а 90 отсто од времето да сме збореле за јавната администрација, судството итн. Тоа кажува многу за приоритетите, но и за се останато, за кое говорев.
Можеби сето ова ќе влијае мотивирачки на Владата, да сработи повеќе?
- Не може создавањето на чувство на неправда кај никого да влијае мотивирачки. Може да создава само фрустрации, а фрустрациите ја пренасочуваат енергијата. Јас ќе се обидам таа енергија да ја задржам на правиот колосек, на реформите, но нема да биде лесно. Фрустрациите кои ќе произлезат од чувството на неправда сигурно ќе произведат одредени ефекти кои тешко можат да се предвидат. Знаете ако барам од функционерите да работат по 15 саати заедно со мене, и од таа работа има резултат кој е за почит, и ако таков силен резултат немало претходно во минатото, а некој однадвор, од кого чекате реална, правична оценка и валоризација Ви вели не работите и немате резултат, тоа боли, и таа болка, независно која била целта, ќе излезе на место. Ќе видиме на што.
Сепак, останувате на претходните приорити за влез во ЕУ и НАТО и на реформскиот пат, или имате промени?
- Да. Остануваме на истите приоритети за членство во НАТО и ЕУ и на реформскиот пат и тоа е во моментов стратешки интерес на нашата земја. Дури и да не го дадат реформите очекуваниот резултат во однос на нашето придвижување во НАТО и ЕУ, тие се добри за земјата, за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Велите дека ова нема да ви биде поголема мотивација да сработите повеќе, туку само ќе предизвика фрустрација. Тогаш ако е така, нема ли сето ова да Ви влијае обесхрабрувачки?
- Ќе влијае секако, и веќе влијае. Но, ќе се бориме. Ние пред се, работиме за граѓаните, за оние кои ни ја дале довербата, и за сите граѓани. Тоа е силата која не држи, која ни дава мотив да опстоиме на предизвиците. Одамна ми е јасно дека во меѓународните политички односи нема правда, уште помалку идеална правда, и ние не сме воопшто наивни, ниту пак во очекувањата во тие односи сме посебно романтични. Но, факт е дека Македонија 20 години постојано се соочува со неправди. И тоа е едно историско бреме, но наша обврска е да го промениме тоа, да престанеме да се самосожалуваме, и кога сметаме дека тоа е за вистинските принципи и вредности, да се спротивставиме и да кажеме гласно, ние веруваме во ова, а не да молчиме и срамежливо да чекаме некој да ни каже што да правиме и како да се однесуваме. Понекогаш имам чувство дека некои моќни центри во чии вредности многу веруваме, на нас, на нашата држава, гледаат како на дете, кое не го планирале, ама дошло, па сега и не чувствуваат целосна обврска како врз планирано и посакувано дете, и некако детето им пречи. Со тек на време, со смена на генерациите, тоа ќе исчезне. Ова беше уште понагласено во деведесетите. Таквите деца, обично се принудени сами да се борат, и животот ги тера побрзо да созреат. Знаете, од секоја мака, произлегува и некоја корист за тој кој правично постапува.
Дали во тој дух би ги коментирале и коментарите во јавноста, со кои се гледа дека многу работи кои Македонија ги завршила успешно и коректно, или ги нема во конечниот извештај или се преиначени во негативна форма, или пишува дека Брисел не е известен за тоа, а постојат докази за спротивното.
- Очигледно е дека намерата била Македонија да не добие четворка или петка, туку некоја пониска оценка, за да може да се критикува посилно и да се најави дека следната година може да биде повлечена препораката.
Сепак, комесарот Фуле не кажа директно дека тоа ќе се случи, туку дека има таква можност…
- Комесарот Фуле е искусен дипломат и тој никогаш нема директно да го каже тоа, особено не кога годината се уште не почнала, а тој веќе отворено да потврди негативен извештај. Но, ние исто така научивме да читаме пораки искажани со јазикот на дипломатијата.
Сакате да кажете дека заканата ќе биде остварена и следната година Македонија ќе добие негативен извештај без разлика на сработеното?
- Доколку не се реши проблемот со името, многу е извесно тоа, независно колку реформи ќе направиме. Тоа е пораката која ние треба да ја разбереме. И ја разбравме.
Зошто би ни го направиле тоа?
- Многу е полесно да се казнува послабиот и кон него да се покажуваат и испробуваат мускулите. На Грција и играат „пиперевка“, заради Грција низ Европа паѓаат влади, а нормално кога не можат на Грција, некои фактори нам ни покажуваат колку се моќни. Тоа е. Сепак, тука апсолутно не сакам да бидам сфатен погрешно, дека некој треба да ползува политички капитал врз грбот на ефектите од кризата, и да се злоупотребат некои состојби во која било функција, но барем да не се заборави на правичноста или на балансираноста во пристапот, затоа што на крај сите ние имаме достоинство и сите ние веруваме во идеалите на слобода, правда и еднаквост.
Зошто велите дека на Грција и играат „пиперевка“?
- Постојат повеќе прицини. Една од нив е фактот што Грција е член на ЕУ. Внатрешните односи во ЕУ се така уредени, што секоја држава може да направи компликација на било која држава, и на било кој функционер во ЕУ. Правото на вето, односно системот на консензус на многу видови одлуки, го овозможуваат тоа. Грција досега покажала дека знае да направи проблем ако биде мотивирана за тоа. Никој несака да се замери со член на ЕУ, дури и ако гледа дека во однос на некој надворешен член има сериозна неправда и непринципиелност. Еден амбасадор на постара земја членка на Унијата, внатрешните односи во ЕУ сликовито ми ги опиша со фразата „Турски пазар“, каде секој со секого преговара и од секого зависи. Втора причина е што Грција како постара и помоќна држава има далеку посилно лоби…
Но, господине Груевски, Грција никогаш не била во понезавидна улога од сега. Таа е на колена пред нејзините партнери во Унијата, од кои чека спас.
- Јас би рекол дека колку што Грција е заинтересирана да се спаси од кризата, најмалку толку, ако не и повеќе, заинтересирани се и другите земји членки, бидејќи финансиската, неконтролирана пропаст на Грција, ќе воведе во иста ситуација и други земји од Унијата, а конечно тоа може да значи крах на еврото и на многу големи банки во најмоќните земји. Од тука произлегува, дека токму сега, по ова прашање, проблемот со името и блокадата на Грција, меѓународната заедница е прилично внимателна кон Грција. Тие не сакаат да им направат дополнителен притисок, на и онака зовриената внатрешна состојба во Грција, која може да доведе до пад на владата, која никој во ЕУ не ја посакува. Затоа би рекол сега, по онаа народната поговорка, „не можат по атот, па удираат по самарот“.
Дали госпоѓата Александра Кас Грање ви даде некое објаснување за изјавата на комесарот Фуле при предавањето на извештајот.
- Таа ми рече дека не ја слушнала изјавата, но дека претпоставува оти произлегува од фрустрацијата што ја чувствуваат затоа што долго време не може да се реши проблемот со името. Тоа само ми потврди дека проблемот со пренагласувањето на критиките за реформите во неколку области всушност е немањето решение за името. Бевме најмалку десет луѓе во просторијата кога го кажа тоа. Но, пред неа многу други, во неформални или полуформални средби, ми го рекле истото.
Вие го осудувате тоа?
- Јас донекаде ги разбирам. Европската комисија е во непријатна ситуација. Таа излезе чесно и искрено и, независно на се, предложи почеток на преговори во 2009-та, иако очекуваше проблеми. Но, веќе три години по ред нејзината препорака Европскиот совет ја игнорира, за да избегне скандал со класично вето од страна на Грција. Тоа на луѓето во Комисијата им прави непријатна ситуација. Тие бараат излез. Еден од излезите е да не прогласат за неспособни и да ја повлечат препораката и да си ја подобрат сопствената комоција. За такво нешто потребно им е годинава, иако позитивна, сепак, да ни ја намалат оценката, за да подготват терен за следната година. Можат да го направат тоа, иако е нечесно, непринципиелно и ќе даде лош ефект и лоша порака. Покрај тоа, некако ја руши и сликата создадена кај граѓаните за ЕУ, за принципите, правичноста и објективноста. Од друга страна, ние политичарите треба да им објасниме на граѓаните дека се движиме во правична заедница.
Имаат уште еден проблем, а тоа што сега треба да исфорсираат нови земји со кои е потребно да започнат преговори, што е добар чекор, но потребно им е оправдување зошто нас не нема, а тоа оправдување да не е само името, оти ако е само името се во непријатна ситуација, од многу аспекти.
Веројатно сето ова добро и доаѓа на опозицијата?
- Да, ама нив не ги спасува ова. Тие се надеваат дека со старата стратегија и екипа, со старото водство и со безидејноста и неискрениот пристап друг ќе им ја одработи победата. Тоа нема да се случи. Но, и опозицијата мора да разбере дека ова е проблем од национален интерес и дека преку саботажи од внатре, само и наштетуваат на државата, ние како Влада сме најмалку важни. Време е да се надраснат дневно-политичките препукувања.