Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, денеска одржа работен состанок со претседателката на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева. На состанокот Николовски и Тасева разговараа за последниот извештај за „Индексот на утврдување на перцепцијата за корупција за 2020 година“.
Воедно, на состанокот се разговараше и за меѓународните искуства и најдобрите практики кои може да се имплементираат во борбата против корупцијата, детектираните слабости кои ја кочат работата, како и унапредување на ефикасноста во спречувањето на корупцијата.
Николовски и Тасева ги потврдија понатамошните заеднички активности, при што во следниот период ќе се пристапот кон подготовка на анализа на релевантните извештаи со цел нотирање клучни области во кои е потребно да се делува во престојниот период.
Борбата против корупцијата и криминалот е меѓу клучните приоритети во владината рамка „Акција 21 – европски стандарди дома“, поточно втор по ред приоритет за оваа 2021 година.
Преку конкретни мерки и политики, Владата ќе се фокусира на решавање на случаите за кои постои сомнеж за корупција, на спречување и крајно искоренување на оваа девијантна појава, којашто го враќа општеството назад.