Потпишан договорот со Светска банка за вклучување на Македонија во проектот „Европа Ре“
Република Македонија и официјално се вклучи во регионалниот проект на Светската банка за формирање специјализирана компанија за реосигурување на ризици од катастрофи „Европа Ре“. Договорот го потпиша денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и шефот на Канцеларијата на Светската банка во Македонија Лилија Бурунчук.
Проектот ќе овозможи поголем пристап до финансиски средства за заштита од природни непогоди.
- Македонија е во регион каде природните непогоди се честа појава. Секоја година трпиме штети од разни природни непогоди како суши, поплави и слично. Така што проблемот постои, а на пазарот не постоеше продукт кој ќе го покрие ова, токму затоа е развиен овој продукт, рече министерот Ставрески по потпишување на Договорот.
Тој додаде дека Македонија ќе учествува во проектот со пет милиони американски долари обезбедени преку Светска банка со заем со рок на отплата од 22 години, грејс период од шест години и варијабилна каматна стапка која моментно изнесува 1,1 процент.
Корист од проектот, како што појасни, ќе имаат домаќинствата, стопанството, малите и средни претпријатија, земјоделците, односно сите оние кои што трпат последници од природни непогоди.
Според Бурунчук, проектот е значаен бидејќи во последните 20 години во Македонија постојан тренд на зголемување се природните непогоди од климатските промени, како и тоа што таа се наоѓа на медитеранскиот сеизмички појас кој е причина за земјотреси.
Проектот предвидува формирање заедничка компанија за реосигурување „Европа Ре“, со седиште во Швајцарија, која ќе овозможи домашните национални компании кои работат на осигурување да ги реосигуруваат производите од ризици од природни непогоди и катастрофи. Се очекува да профункционира за една до една и пол година. „Европа Ре“ ќе го помогне и развојот на осигурителниот пазар во делот на осигурување на катастрофални ризици во земјите кои учествуваат во неа. Програмата ќе работи и на градење технички капацитети на локалните осигурителни компании, регулаторните агенции и креатори на политики што ќе биде финансирано низ грантови.
Покрај Македонија, договори имаат потпишано Албанија и Србија, а се очекува да потпишат и Босна и Херцеговина и Црна Гора.