Без релевантни податоци кои се очекуваат од пописот не само што нема да може да се креираат политики за одржлив развој, туку ќе станеме и земја надвор од главните текови за поддршка

Претстојниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, освен што како статистичка операција е наша обврска како членка на Обединетите нации (ОН) е од исклучителна важност и поради податоците кои ќе ги добиеме. Ставени во контекст на одредени истражувања и анализи, овие податоци ги даваат потребните контури за креирање ефикасни јавни политики за социо-економски развој.

Без ажурирани и релевантни податоци, утврдени од официјалната установа како што е Државниот завод за статистика, ќе бидеме црна дупка во светот како единствена земја која што нема никаква реална, со податоци поткрепена визија за својот развој.

Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики.

Со податоците од Пописот, добиваме патокази за остварување на 17-те цели за одржлив развој на кои, како членка на ОН, Северна Македонија се обврза да ги исполни до 2030 година, а кои обединуваат три димензии:

  • Економска димензија (економските ресурси, развојот и растот, со цел анализа на состојбите и идните макроекономски планирања на развојот на земјата);
  • Димензија на животната средина (преземање неопходни мерки да се избегнат неповратните штети на природниот капитал долгорочно за краткорочни придобивки преку усогласување на развојните проекти со обновлива способност на природната средина, управување со природните ресурси, заштита и одржливо користење на природата, превенција и борба против загадувањето);
  • Социјална димензија (се цели кон создавање еднакви стандарди за живеење, солидарност и борба против сиромаштијата).

Пописот ќе обезбеди податоци кои ја даваат основата за креирање ефикасни јавни политики кои водат кон искоренување на сите форми на сиромаштија, нееднаквост, зачувување на животната средина, обезбедување на просперитет и мир.

Државниот завод за статистика континуирано вложува напори за продукција и интегрирање на сетот на индикатори кои претставуваат статистичка поддршка за следење на степенот на реализација на концептот за одржлив развој, со цел на корисниците на податоците на визуелен начин да им се претстави напредокот што Северна Македонија го постигнува на патот кон остварување на глобалните цели за одржлив развој.

Во отсуство на најнови податоци за населението, Северна Македонија не само што нема да може да креира политики за остварување на целите за одржлив развој, туку ќе стане и земја надвор од главните текови за поддршка.