Средба на премиерот Заев со новиот амбасадор на Катар Ал-Тани: Поздравени се развојните политики на премиерот Заев, има интерес од Катар за инвестирање во земјава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Јасим бин Хамид Ал-Тани, новиот амбасадор на Државата Катар во нашата земја.

На состанокот се поздравени членството на Република Северна Македонија во НАТО и политиките на дијалог и пријателство на премиерот Заев, што донесоа решение на долгогодишниот спор со Република Грција, за што е оценето дека е успешен пример во светски рамки.  

Оценето е дека Република Северна Македонија е мирољубива и пријателски определена држава којашто бележи напредок и има потенцијали за натамошен развој. Пренесен е интерес од Катар за разгледување можности за инвестиции во земјава.

„Ние сме насочени кон евроатлантските интеграции како стратешка определба на државата и истовремено работиме на создавање услови за подобар животен стандард и за економски развој на државата. Во таа насока ни е важна соработката со сите држави, посебно на економски план“, рече премиерот Заев.  

На средбата е констатирано дека се унапредува соработката со Катар во делот на енергетиката, како и дека постојат можности за продлабочување на соработката во областа на туризмот, транспорт, земјоделие, културата.