Груевски: Грција воопшто не се труди да се најде решение, целиот притисок се префрла врз Македонија
Грција веќе повеќе месеци избегнува средби, а тие што ги има се несуштински. Економската криза дури и создаде многу подобра позиција кај меѓународната заедница. Тие сфатија дека се темпирана бомба во рацете на ЕУ, која ако многу се притисне ќе експлодира. И затоа никој не смее да ги допре или да ги притисне по прашањето за името. Во таква комотна ситуација, Атина нема интерес да се реши прашањето со разумен компромис. Ќе продолжи да им продава приказна дека многу се трудат, дека сме блиску до решение, а тие ќе го зголемуваат притисокот врз нас, што уште повеќе ќе не одалечи од целта.
Ова, меѓу другото, го истакнува претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, во вториот дел од интервјуто за МИА, во кое се осврнува и на тужбата на Македонија против Грција во Хаг, евентуалниот референдум за името, критиките од ЕК...
...... Добро, ајде да се концентрираме на очигледно главниот проблем, името. Што се случува на тој план, нема многу информации во јавноста.
- Во еден период средбите зачестија, атмосферата се подобри и се чинеше дека се создадоа услови за разговор и решение. Имаше и различни идеи и можеби и волја кај нашиот сосед. Сега се изменија условите, а на тоа придонесоа два фактори. Грција веќе повеќе месеци одбегнува средби, а и тие кои ги има се несуштински, значи средби заради средби, каква што неодамна беше онаа меѓу министрите за надворешни, чија цел беше Грција да покаже пред партнерите во меѓународната заедница дека нешто работи и се труди.
Всушност воопшто не се труди. Првиот фактор за тој однос е економската криза во Грција која што освен што реално ги дефокусира, им создаде многу подобра позиција кај меѓународната заедница. Тие сфатија дека се темпирана бомба во рацете на ЕУ, која ако многу се притисне ќе експлодира, ќе има огромни штети, ќе има изгореници, жртви… И сфатија дека заради тоа никој не смее да ги допре или да ги притисне по прашањето на името. Второ, гледаат дека притисокот во целост е на наша страна и го чекаат исходот од тоа. Се надеваат дека или ние ќе ги прифатиме нивните услови под притисок или ќе дојдат други времиња со други политичари, од кои имаат јасно ветување дека експресно ќе го решат проблемот. Тоа експресно се подразбира во чија корист ќе биде и затоа се комотни. Зошто тогаш Грција во една ваква ситуација би брзала со решението?
Се надевам дека некој аргументирано ќе ме демантира за ова, вклучително и Грција.
Нели ги засега исходот на тужбата во Хаг?
- Ги засега, но не премногу, бидејќи доколку го изгубат спорот, не планираат да ја испочитуваат одлуката на судот. Пресметуваат дека сегашната ситуација во која се наоѓаат ќе им го овозможи тоа.
Неодамна во печатот се појавија анализи во правец што Македонија ќе направи во сите варијанти, т.е. ако го добие, ако го загуби или ако решението е половично…
- Ги видов.Тоа се паушални анализи, произлезени и од некој брифер кој сакајќи да се истакне себе си, демек многу разбира, или е добро информиран, само ни прави штета како држава.
Во меѓународната заедница преовладува мислењето дека ние сме виновната страна, таков е впечатокот.
- Да, ние сме виновни што не сакаме да прифатиме предлози кои со сигурност ќе паднат на референдум.
Но, доколку, сепак, и власта и опозицијата застанат зад еден предлог, нели мислите дека тоа ќе помине на референдум?
- На опозицијата никој од оние што името и идентитетот нешто им значи не и верува по ова прашање, целосно го загубија кредитот со постапките во минатото. Нас делумно се уште ни веруваат, затоа што сме внимателни ни веруваат, но гледајќи под каков притисок сме сигурно дека ќе имаат резерва при која било наша заложба за решение во иднина.
Сепак, ако дојде до референдум, дали вие ќе го кажете својот став?
Да, јасно ќе го кажеме.
Дали мислите дека луѓето нема да ве следат?
Зависи што ќе понудиме. Ако има доволно аргументи, ќе не следат, ако немаме, нема да не следат. Очигледно, од сите истражувања на јавното мислење, а ги имаше многу, членството во НАТО и почетокот на преговори за членство во ЕУ, не се доволен аргумент за мнозинството граѓани. Во овие 20 години народот научи многу за ова прашање, и ова е едно од прашањата за кои политичарите не можат кој знае колку да влијаат.Тоа е она што не можат да го разберат многумина од меѓународната заедница.
Во основа ако добро се размисли и логично е народот да не верува на политичарите по ова прашање, а посебно не на власта, која и да е власт, бидејќи власта е под постојан притисок и може да донесе погрешна одлука, свесно или несвесно. Со оглед дека за ова прашање опозицијата не ја ставаат во математиката воопшто, можеби најмногу заради нивниот калкулантски однос и перцепцијата дека тие се би прифатиле само за да им се допаднат на странците, на граѓаните им останува најмногу да се потпрат на сопствениот мозок, расудување и разбирање на нештата. Медиумите, или голем дел од нив, што се однесува до ова прашање, одамна се доказ дека имаат крајно ограничено влијание врз мнозинството граѓани.
Јас во основа сметам дека и правично е граѓаните за ова да не ги слушаат политичарите, дури ни власта, затоа што политичарите се минливи и менливи, еден ден ќе не нема, а одлуките ако се погрешни ќе останат и ќе треба сите да живеат со тоа. Затоа треба секој добро да ги ислуша сите политичари, сите медиуми, претставниците на меѓународната заедница, …сите, да ги чујат сите аргументи, и за и против, и на крај самите да расудат и со своја глава да одлучат како ќе гласаат.
Дали сте оптимист или песимист дека ќе се реши проблемот со името наскоро?
- Ако продолжи оваа тактика на некои поединци од меѓународната заедница на неизбалансиран притисок, би рекол дека сум повеќе песимист. Во таква комотна ситуација, Грција нема интерес да се реши прашањето со разумен компромис. Грција ним ќе продолжи да им продава приказна дека многу се трудат, дека сме многу блиску, а тие ќе го зголемуваат притисокот врз нас, кој, пак, уште посилно ќе не одалечи од целта, како што на почетокот зборував.
Колку голема штета ќе имаме ако ја загубиме препораката?
- Ќе имаме штета, иако главната придобивка од препораката е ако преговорите започнат и станеме членки на ЕУ. Тоа го нема заради се ова што го кажав досега.
Кога очекувате да имате наредна средба со грчкиот премиер?
- Не знам, јас сум подготвен во кое било време, но сепак воопшто не е важно се додека средбите другата страна ги користи за да покаже пред членките на Унијата и САД дека се труди и дека и треба уште малку време да го реши ова и се разбира се додека оваа приказна и ја купуваат верувајќи во неа или правејќи се дека веруваат во неа, сеедно.
Слушнавме многу негативни реакции на Вашето возвраќање на прес-конференцијата на комесарот Фуле. Како ги доживувате?
- Не сум сигурен дека има премногу негативни реакции за тоа. Но, јас одамна се навикнав дека во Македонија постојат политички и медиумски структури кои за „ерес“ го прогласуваат секое различно мислење од она на кој било дел од меѓународната заедница, макар била тоа и некоја маргинална странска невладина организација и кои сметаат дека безпоговорно треба се да се прифати, а ако може и самите да си ја додадеме вината, за да не засакаат.
Мислам дека тоа е погрешно. Треба отворено да ги кажуваме нашите размислувања и позиции. Тоа е во духот на демократијата која за ЕУ е на врвот на приоритетите. Ако може внатре во ЕУ секојдневно да има дебати и различни мислења по различни прашања од сите видови политики, ако таму има за се и сешто различни и спротивставени мислења и аргументи, на што ќе им личиме ние, а и што ќе постигнеме ако за се одговараме со „да, така е“, дури и кога различно сме убедени по одредени проблеми. Секој отворен дијалог е покорисен отколку премолчувањето и наталожувањето на фрустрации кај нас. Некогаш тоа нема да помогне, но некогаш може и да помогне. Важно е да сме искрени пред себе и пред Бог. Се убивме од работа. Има и резултати, иако сме свесни дека имаме уште многу работа, но за толкав период зад нас направено е максимум. Знаеме дека го знаат тоа. Затоа што многумина од нив во неформални разговори тоа и ни го признаваат. Дури еден висок преставник на ЕУ неформално ми кажа дека се надеваат оти брзо ќе се реши прашањето за името, оти веќе не знаат што да ни смислат да сработиме без отворање на преговорите и на скринингот, од кои треба да произлезат нови реформи. Тоа е чесно што ми го кажа. Но, некоректно е некои негови претпоставени да го говорат обратното. Други преставници од ЕК истото му го имаат кажано и на министерот Иво Ивановски, пред само неколку недели, и други членови на Владата слушнале вакви коментари. Затоа, јас велам, ако си искрен пред себе и пред Бог, вистината и правдата мора да дојдат.
Реагиравте и на тоа што ја немаше придавката „македонски“. Тука, сепак, од сите добивте поддршка…
- Тоа што се случува со одбегнувањето на пишување на името на јазикот и тоа од страна на ЕУ, се разбира под притисок на Грција, е најдобар одговор на сите кои јавно не убедуваат дека овој спор не бил за идентитетот, туку само за името. Со ваков гест Европската комисија директно се замеша во спорот, односно во делот, кој како што тие самите кажуваат нели, не е дел од спорот, јазикот и националноста, со што само ги озакони постапките на Грција.
Видовме и многу реакции за поставеното прашање на новинарот Борјан Јовановски. Како вие го чувствувате тоа?
- Јас не би го коментирал тоа прашање на поранешниот новинар, за кој сите се чудат како се нашол во салата за прес-конференции на Комисијата, и како токму тој го имал ексклузивното право да поставува прашања, а не и другите новинари од Македонија во салата, но и тоа говори доволно за темата транспарентност и слобода на медиумите, но и за стандардите кои треба да ги следиме.
Но, сепак ако не беше тој веројатно ќе беше некој друг кој е заинтересиран да користи средства од фондовите на ЕУ за проекти поврзани со медиумите. Со оглед дека спомнатата личност е добро позната на македонската јавност и инволвирана во низа скандали и афери, јас би се воздржал од коментар. Очигледно претходно нарачаното прашање беше во функција за подготовка на терен за следната година за повлекување на препораката, доколку до тогаш не се реши спорот за името.
Зошто токму сега и на ваков начин им е потребно ова?
- Две години по ред од ЕУ отворено и јавно говорат дека главниот и единствен проблем за незапочнување на преговорите е нерешениот проблем со името, а не нешто друго. Сега, прашањето е како да не притискаат со обвинување дека не правиме доволно реформи, кога претходно беше кажано дека земјата е дојдена до ниво потребно за почеток на преговорите, и треба уште само да се реши името. Непријатно е да застанат зад криминалот во „пајажина“ па се користат општи фрази од типот загриженост за слободата во медиумите, и се бараат маани надвор од овој случај, кои не е лесно да се најдат, а да се крупни и сериозни, или да не се пренагласени, или пак да ги нема и во повеќето земји членки на Унијата. Слушаме и фрази од типот дека уназадиле некои реформски процеси, а не чувме сериозни примери кои се тие.
Мислам дека ако не не сакаат во Унијата почесно е да кажат: „Не ве сакаме“ или „Решете го проблемот со Грција па јавете ни се“. Тоа колку и да не е принципиелно, многу повеќе секој би го почитувал заради искреноста, отколку ваков вид на очигледни неправди со измислување проблеми или нивно пренагласување и пренагласување, и на луѓе кои ги спојуваат денот и ноќта со работа на реформите и напредокот да им говорат дека работат со половина срце. Тоa е крајно нефер.