Царовска: Со континуирани инвестиции се гради квалитетно високо образование

Само континуитет на инвестиции во образованието може да донесе квалитетно образование. Ова е посебно значајно во високото образование, каде што од една страна студентите имаат можност својата пракса да ја извршуваат во соодветни и модерни услови, а од друга страна, условите за работа на професорите се навистина соодветни на нивните потреби, рече министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на Стоматолошкиот факултет во Скопје, каде е реализирана значајна инвестиција во опрема со средства од буџетот на МОН.

„За прв пат, после многу години, Министерството за образование и наука одвојува средства, решивме да го направиме тоа и директно да му помогнеме на овој факултет да се модернизира. Министерството за образование и наука, заедно со Владата на РСМ и во иднина во континуитет но секако и по план ќе инвестира во високото образование“, изјави Царовска.

Со инвестицијата од 5 милиони денари опремени се новите клинички сали сместени на три катедри, со што студентите добиваат соодветни услови за успешно спроведување на клиничките вежби. 

Деканот на Стоматолошкиот факултет д-р Ќиро Ивановски рече дека управата на Универзитетот, ректорот како и Министерството за образование и наука ги препознале потребите на Факултетот за набавка на современа опрема.  

„На Стоматолошкиот факултет повеќе од 20 години не е вложувано во опремата за изведување на практична настава на студентите по стоматологија. За да еден стоматолог биде навистина добро едуциран за да спроведува стоматолошка услуга потребна опрема којашто ќе ги задоволи потребите на едукацијата. Со опремувањето на двете сали, се задоволени потребите за вистинско спроведување на наставата, пред се од практичен аспект, којашто е неопходна за идните стоматолози“, изјави деканот Ивановски. 

Министерството за образование и наука посебно внимание посветува на унапредувањето на науката преку обезбедување на планско, програмско и грантово финансирање. Наскоро ќе има целосно нов закон за научно истражувачка дејност кој ќе обезбеди повеќе нови бенефиции за научно-истражувачките работници, што е значајно за Стоматолошкиот факултет којшто истовремено изведува и научно-истражувачка дејност.