Вицепремиерот Пешевски во Штутгарт и Дизелдорф ќе ги претстави можностите за инвестирање во Македонија
Со посета на Штутгарт и Дизелдорф, владината делегација предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски ги продолжува активностите за привлекување странски инвестиции во Сојузна Република Германија.
Пешевски вчера на бизнис форум во Улм пред германски стопанственици ги претстави можностите, поволните услови и предностите за инвестирање што ги нуди Република Македонија. Воедно беа реализирани и директни средби со потенцијалните инвеститори.
По учеството на форумот, владината делегација во која покрај вицепремиерот Пешевски се и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија Висар Фида, имаше средби и со претставници на Институтот Хелмхолц, при Универзитетот Улм, чиј фокус на истражување е производство на енергија од биомаса.