Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев го прими секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ Атанас Конески.
Атанас Конески на средбата истакна дека во име на фондацијата „Небрегово“ изразува благодарност до Владата и до Министерството за култура кои во последните 4 години целосно ги поддржуваат активностите на фондацијата за афирмација на животот и делото на Блаже Конески и иницијативите за промоција и чување на автентичните вредности на македонскиот јазик кои во претходниот период од 2008 до 2016 година беа постојано игнорирани.
Посебна чест за фондацијата, истакна Конески, е првата и единствена посета на еден премиер на Спомен домот на Конески во Небрегово од формирањето на фондацијата и од прогласувањето на родната куќа на Блаже Конески за спомен дом.
Секретарот на Фондацијата „Небрегово“ Атанас Конески го информираше премиерот Заев за програмските активности на фондацијата кои се вклучени во цел годишната програма за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, меѓу кои централно место имаа изданијата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, што е всушност реизданиe на истоименото дело на академик Конески објавено во 1948 година, како и книгите „Конески инспирира и мотивира“, „Како ме поттикнува Конески“ и збирката песни од ученици, студенти и наставници „Поетски пораки за Конески“.
Премиерот Заев на средбата истакна дека Владата на Северна Македонија, заедно со Министерството за култура е целосно посветена на реализацијата на севкупната програма за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески и нагласи дека како своја лична иницијатива ќе предложи Спомен домот на Блаже Конески во Небрегово да стане редовна дестинација на образовните ученички екскурзии затоа што делото на кодификаторот на македонскиот литературен јазик е неразделно од државното конституирање на Република Северна Македонија како независна држава со свое место во заедницата на народите.