Можностите за инвестирање во Македонија презентирани пред катарските компании
Владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, а во чиј состав се и Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, Бил Павлески министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, и Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, денеска(недела, 25.03.2012 година) во функција на промоција на економските потенцијали на Република Македонија за привлекување странски инвестиции и промоција на македонските производи, оствари посета на неколку катарски владини компании, агенции и фондови, каде што имаше и средби со менаџерските тимови на истите.
Владината делегација, предводена од премиерот Груевски, го посети Катар Холдинг, катарски владин инвестициски фонд, чиј делокруг на работа е инвестиција во јавни и приватни компании во секторите енергетика, индустрија и инфраструктура, телекомуникации и технологија, недвижности, трговија, земјоделство и стоки. Овој фонд е втор најголем на светот, а неговата капитализација изнесува 400 милијарди долари. Владината делегација оствари средбата со менаџерскиот тим на фондот предводен од Хусеи Ал Абдул, претседавач на Бордот на Фондот, и Ахмед Ал Суед главен извршен директор, на која се разговараше за посебните видови на проекти кои опфаќаат инвестиција на капитал.
Се даде посебен осврт на енергетскиот сектор, односно опциите за инвестиции во рамките на придружните дејности од проектот Вардарска долина, инвестициите во хидро и термо електрични централи, и инвестициите во областа на производството и транспортот на електрична енергија. Се презентираа и можностите за инвестиција во транспортните коридори и во рударството, како и во гасификацијата на Република Македонија.
Менаџерскиот тим на Катар Холдинг ја оцени презентацијата како многу квалитетна и целисходна. Бордот на Холдингот изрази сериозен интерес за голем дел од понудените проекти, и сериозна интенција за истражување на можностите за инвестиција во енергетскиот сектор, за што во идниот период ќе се направат дополнителни длабински анализи на сите аспекти и детали на понудените проекти.
Делегацијата на Владата на Република Македонија ја посети и Катар Диар, катарска агенција за развој, чиј делокруг на работа опфаќа градежништво, транспорт и реализација на развојни проекти, чија капитализација изнесува 4 милијарди долари, а вредноста на проектите кои ги реализира во овој момент изнесува 36 милијарди долари.
При посетата и средбата со управниот тим на агенцијата предводен од Мохамед Бин Али Хатфа, главен извршен директор на Катар Диар, двете страни разговараа за можностите за инвестиции кои опфаќаат реализација на проекти поврзани со туризмот. Беше акцентиран проектот за туристичко-угостителски развојни зони на бреговите на македонските езера и специјалните поволности кои се нудат за реализација на инвестиција во рамките на овој проект. Беа презентирани 8 туристички зони, 4 на брегот на Охридското, и по 2 на Преспанското и Дојранското Езеро, поволностите на зоните со даночни ослободувања, уредување на градежно земјиште и изградба на инфраструктура, како и опциите за инвестиции во други туристички центри како ски- центарот Кожув и ски-центарот Попова Шапка.
“Македонија нуди можности за квалитетна реализација на бизниси, таа е најконкурентна дестинација за инвестиции, која нуди ниски даноци, даночни ослободувања, соодветна работна сила и останати поволности. Резултат на оваа владина политика се двата брана на инвестиции, од кои едниот кон крајот на минатата година, и еден на почетокот на оваа, како и неколкуте најави за нови инвестиции во текот на годината”, истакна премиерот Груевски на средбите.
“Доколку се одлучите за инвестиција во областа на туризмот во Република Македонија можете да ја искористите владината мерка за откуп на земјиште за изградба на капацитетот по почетна цена од само 1 евро за метар квадратен, и да добиете даночно ослободување во зоните во траење од 10 години и ниски даноци”, изјави вицепремиерот Ставрески на средбата.
Во рамките на посетите, владиниот економски тим вршеше и специјални презентации за определени области од пакетот инвестициски поволности, даночната регулатива и ниските и рамни даноци, макроекономската стабилност и добриот кредитен рејтинг, и деталите и аспектите на областите во кои може да се инвестира со прилог на специјални разработени проекти.
Владината делегација оствари средба и со Хасад Компани, катарска владина агенција задолжена за постапување во областа на земјоделството и агро-бизнисот. На средбата со управниот менаџмент од македонска страна беа презентирани можностите за инвестиции во областа на земјоделството во нашата земја и беше претставена земјоделската политика на Република Македонија. Владината делегација ги акцентираше широкиот асортиман на земјоделски производи, со осврт на можноста за извоз на македонско јагне и вода за консумирање, нивната еколошката и фитосанитарна исправност, како и квалитативната препознатливост.
“Задоволни сме од одвивањето на посетата, и од интересот кој го покажуваат нашите домаќини. Наша интенција е со постојаните посети и презентации да отвораме нови можности за Македонија, да бараме нови инвестиции, и отворање на нови капацитети, нови работни места каде што ќе може да се вработуваат лица и да остваруваат приходи”, истакна вицепремиерот Ставрески.
Доцна попладнево се очекува премиерот Груевски да оствари средба со г-дин Шеик Хамад бин Џасмин бин Џабор Ал-Тани, премиер и министер за надворешни работи во Емирскиот Диван на Државата Катар.