Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на онлајн работен состанок помеѓу Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) и претставници од Министерството за труд и социјална политика.
Целта на оддржувањето на работниот состанок беше осврт на постигнатите резултати во рамки на четвртиот Национален Акциски план за Отворено Владино партнерство 2018-2020 година и процесот на креирање на петтиот Национален Акциски план за Отворено Владино партнерство 2021-2023 година.
Во однос на двете заложби кои Министерство за труд и социјална политика беше вклучено во четвртиот национален акциски план 2018-2020 година, за кој министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска истакна дека секогаш може и повеќе да се направи но, отворањето на двата Центри за пристап до правда во две општини (Шуто Оризари и Прилеп) за сиромашни и маргинализирани групи на граѓани како дел од заложбата „ Унапредување на пристапот до правда за маргинализираните групи граѓани“ е потврда дека правната помош ја приближуваме до оние на кои им е неопходна.
Во однос на втората заложба „Мапирање на бездомници и социјално загрозени семејства и поединци“, министерката посочи дека министерството изминатиот период сериозно работеше на мапирање на овие лица, обезбедување на документи за нивна лична идентификација, а со тоа и остварување на можноста за пристап до системот за социјална заштита. Притоа, со процесот на мапирање, околу 700 лица без документи се влезени во процесот на обезбедување на документи за лична идентификација, односно добивање на изводи од матична книга на родени, а додека пак, сите лица сместени во прифатниот центар Визбегово, веќе им се обезбедени документи за лична идентификација.
Покрај заложбите како дел од Отвореното Владино партнерство, министерката ги потенцираше политиките и мерките на Министерството за труд и социјална политика кои се насочени кон помош и поддршка на ранливите категории на граѓани. Олеснувањето на критериумите за пристап до Гарантирана минимална помош и пристап до детски и образовен додаток, со што се овозможи влез на нови 7000 корисници на ГМП и 19.000 деца , но и нови 10.000 лица, корисници на правото на надоместок за помош и нега од друго лице.
На денешниот работен состанок од страна на Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) беа презентирани и предлог заложбите како дел од петтиот Национален Акциски план за Отворено Владино партнерство 2021-2023 година, кој сеуште е во процес на дофинализирање. Министерството за труд и социјална политика повторно е вклучено со заложби кои се во негова надлежност односно политики и мерки кои се однесуваат на ранливите категории на граѓани, а со цел помош и поддршка на лицата на кои таа им е неопходна.
На крајот на средбата двете страни се согласија дека одличната соработка ќе продолжи и понатаму и изразија подготвеност за креирање на политики кои ќе значат испорака на потребите на ранливите категории на граѓани.