Акшит: Процесот на стандардизација во одбраната тече одлично
Процесот на стандардизација во делот на одбраната тече одлично, оцени директорот на НАТО-агенцијата за стандардизација, Џихангир Акшит на денешната средба со министерот за одбрана, Фатмир Бесими.
Министерството за одбрана соопшти дека Акшит посочил оти техничката работа во процесот на стандардизација ја подобрува интероперабилноста, што само по себе претставува значаен позитивен елемент. Тој додал дека инволвираноста во работните групи е клучна бидејќи на тој начин „де факто“, Република Македонија како партнерска нација ќе влијае врз самите работни групи.
Акшит, според соопштението, посочил дека имплементацијата на утврдените стандарди значат напредок на две полиња имајќи предвид дека тие се исти и во Европската унија и во НАТО.
Во контекст на значењето на процесот министерот Бесими се осврнал на потребата од процедури во областа на новиот концепт на НАТО, „паметна одбрана“, со цел унапредување на севкупната ефективност нагласувајќи дека самиот термин „НАТО-стандарди“ е јасно и недвосмислено позитивно прифатен од јавноста.
- Имплементацијата на стандардите ќе ни овозможи континуирано да развиваме ефикасна и ефективна соработка, рече Бесими.
Во рамките на посетата директорот Акшит утре ќе има работен состанок со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, а делегацијата од Агенцијата ќе одржи предавање од областа на стандардизацијата за претставниците од МО и ГШ на АРМ кои се директно инволвирани во процесот на стандардизација
НАТО-агенцијата за стандардизација функционира во рамките на НАТО-организацијата за стандардизација и е подредена на Комитетот за стандардизација. Како клучен дел од НАТО-организацијата за стандардизација, Агенцијата зема активно учество во сите активности кои се поврзани со овој процес во Алијансата.