Пешевски во Германија ги претстави инвестициските можности пред јапонски и германски компании

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во рамки на посетата на Германија оствари одвоени средби со неколку директори на јапонски компании кои работат во Германија.

Како што соопштија од Кабинетот, Пешевски се сретна со директорот на „Нипон“, „Хитачи“ и „Сумитомо“.

Покрај одвоените средби, владината делегација предводена од вицепремиерот, на последниот ден од посетата ги претстави инвестициските можности во Македонија во Дизелдорф пред 40 јапонски компании кои работат во Германија, од машинската, автомобилската, хемиската и електронската индустрија.

Покрај Дизелдорф, за време на посетата делегацијата ги претстави можностите за инвестирање во Штутгард и Улм.

Во Штутгард инвестициските можности беа претставени пред претставници на 40 германски компании, каде што беа остварени и поединечни средби со компании со кои претходно веќе е остварена комуникација и се наоѓаат во фаза на носење одлука за инвестирање.

Првиот ден од посетата на Германија, владиниот тим беше во Улм, каде што покрај средбите со бизнис заедницата, претставени преку мали и средни претпријатија од сферата на обновливите извори на енергија и заштита на животната средина, посети и научно истражувачки  центри.

Владината делегација во Улм ја посети и современата пречистителна станица за отпадни води. Тамошните локални власти предложиле да поддржат изградба на мал пилот проект од таков вид во Скопје.

Во состав на делегацијата беше и министерот Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида.