Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев вечерва се обрати на настанот по повод 25 годишнината од отворањето на канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт во нашата земја.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост.
„Благодарам за поканата да бидам дел од оваа прослава за успешната приказна на Фондацијата Фридрих Еберт во Република Северна Македонија.
Истовремено сакам да ја изразам и мојата благодарност како премиер, и благодарноста на Владата на Република Северна Македонија, како и на народот на нашата земја, за сето она што фондацијата го даде во изминатите 25 години како свој придонес во развојот на демократските вредности на нашето општество.
Да присуствувам на оваа свеченост прифатив и како израз на мојата обврска како добитник на наградата на Фондацијата создадена на иницијатива на високо почитуваните Карл и Ида Фејст.
Нивната инспирација наградата да се доделува за поддршка за правата на работниците и нивната животна филозофија се совпаѓа и со мојата лична филозофија – живот за сите, еднаквост за сите, дијалог пред сѐ, конфликт никогаш!
Паричните средства од наградата ги донирав во државниот фонд за борба против КОВИД-19 во име на солидарност кон сите кои се погодени или кои учествуваат во справувањето на пандемијата.
Солидарноста е уште една вредност која ја негува и афирмира Фондацијата Фридрих Еберт, заедно со другите вредности на социјалдемократијата: слобода, правда, и дијалог.
Република Северна Македонија оваа година слави 30 години од својата независност, а Фондацијата Фридрих Еберт полни 25 години со своите програми учествува во вградувањето на овие вредности во нашето општество.
Како дел од севкупната поддршка на Сојузна Германија, Фондацијата Фридрих уште од 1996 година ја започна својата работа за поддршка на процесот на трансформација на државата во областите на граѓанско учество и активизам, социјален дијалог, пристапување на Северна Македонија во Европската унија и регионална соработка на Западен Балкан.
Програмите за дијалог, јавност и отворен форум во Северна Македонија придонесуваат за квалитетот на политичката анализа и дискусија во областа на политиката, социјалниот дијалог, образованието и родовите прашања.
Од друга страна, поддршката на Фондацијата да се поврзат клучните актери и засегнатите страни во областа на меѓународната соработка, беше од исклучителна важност во неколку наврати од нашата понова политичка активност.
Дозволете ми уште еднаш да ви го честитам јубилејот – 25 години од работењето на Фондацијата Фридрих Еберт во Северна Македонија и да ви посакам уште многу години успешно работење“.