ЧПП - Често Поставувани Прашања

ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА


Заради добивање на услугите за невработени лица кои ги нуди Агенцијата за вработување потребно е лицето да се воведе во соодветниот регистар во Центарот за вработување.

Воведувањето во евиденција се врши лично и потребни документи се важечка лична карта и диплома, односно сведителство за завршено образование.

Со цел ефикасно да излеземе во пресрет на вашето барање ќе ве замолиме да дојдете во Центарот за вработување во местото на вашето живеење и да се евидентирате како активен барател на работа, доколку досега не сте евидентирани.

Притоа ќе Ви биде изработен Индивидуален план за вработување каде ќе бидат забележани квалификациите и потребните информации за вработување.

Во индивидуалниот план за вработување, со лицето се планираат и договараат чекорите, односно активностите кои лицето треба да ги реализира заради  успешно барање работа и вработување, односно се врши советување за интересите и капацитетите на невработеното лице и активностите кои треба да ги преземе за активно да бара работа.
Потоа ќе може да биде вклучено и во услугата посредување за вработување, која обезбедува посредување при вработување според искажаните потреби на работодавачите. Целта на услугата е да се олесни поврзувањето на понудата и побарувачката на работна сила, односно да им помогне на работодавачите да ги пополнат слободните работни места со квалификувани работници, а на невработените и други лица кои бараат работа да им се помогне при вработувањето. Оваа услуга се спроведува непристрасно, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Како активен барател на работа ќе може да аплицирате и за учество во Активните мерки и програми за вработување, кои се дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021.

За активните јавни повици, во моментов, може да се информирате тука.

На официјалната веб страница на АВРСМ е достапен целиот Оперативен план за вработување за 2021 година каде може да се информирате за сите мерки и програми кои ќе се имплементираат во 2021 година.

Ве повикуваме на веб страницата на АВРСМ да ги проследите и активните огласи доставени од работодавачи кои поднеле пријава за потреба од работник и да аплицирате за оние од Ваш интерес.

Постојат неколку начини физичко лице кое припаѓа на ранлива категорија граѓани да добие право на социјален стан.

Министерството за транспорт и врски врши распределба на социјални станови, единствено преку електронски систем и тоа исклучиво во новозиградена станбени зграда што се гради преку Програмата на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.

По изградбата на социјалната зграда, министерството распишува јавен оглас за распределба. Право на аплицирање имаат само граѓани кои се жители на општината каде е изградена зградата и кои се припадници на една од шестте категории ранливи граѓани утврдено според Законот за социјaлна заштита и тоа:

  • Деца без родители или родителска грижа - лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители,
  • Корисници на правото на гарантирана минимална помош,
  • Лица погодени од елементарни - природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта,
  • Лица со попреченост и семејства со лица со попреченост,
  • Лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите на Република Северна Македонија и
  • Самохрани родители со малолетни деца.

2. Moже да се обратите и до Комисија за станбени прашања при Владата на Република Северна Македонија. Kомисијата за станбени прашања на Владата на Република Северна Македонија доделува станови во државна сопственост (не социјални станови) на лица во социјален ризик согласно Законот за социјална заштита.

Странката лично поднесува барање до Комисијата, потоа Комисијата се обраќа до надлежен Центар за социјални работи за утврдување на фактичката состојба и утврдување на социјалниот ризик на кои е изложена странката потврдено со наод и мислење. Кон барањето странката ја поднесува следнава докуметација :

  1. Уверение за државјанство;
  2. Уверение за жителство;
  3. Извод од матичната книга на венчаните или доказ за раскинување на брачниот статус;
  4. Извод од матичната книга на родените за сите членови на семејното домаќинство на барателот;
  5. Уверение за платени даноци издадено од даночни органи во општината;
  6. Уверение за евидентиран – запишан недвижен имот, издадено од Агенција за катастар на недвижности;
  7. Копија од важечката лична карта;
  8. Потврда од Агенција за вработување за статус на работен однос;
  9. Изјава заверена на нотар за валидноста на поднесените документи од страна на барателот;
  10. Изјава заверена на нотар дека барателот, неговиот брачен другар и сите членови на неговото семејно домаќинство на територијата на Република Северна Македонија, немаат стан, куќа или куќа за одмор во нивна сопственост. За членовите на семејното домаќинство кои не се полнолетни изјава дава родителот, неговиот законски застапник или старателот;

Согласно Законот за социјалната заштита (Службен весник на РСМ бр.104/2019,146/2019,275/2019) права на парична помош од социјална заштита се:

  1. 1.  Гарантирана минимална помош;
  2. 2.  Надоместок заради попреченост;
  3. 3.  Надоместок за помош и нега од друго лице;
  4. 4.  Надоместок на плата за скратено работно време;
  5. 5.  Додаток за домување;
  6. 6.  Траен надоместок и
  7. 7.  Еднократна парична помош.

 1. Право на гарантирана минимална помош има домаќинство кое е материјално необезбедено и нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува.

За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството, по сите основи, во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на правото и во текот на користењето на правото, е пониска од висината на утврдената гарантираната минимална помош, согласно со Законот за социјална заштита. 

2. Надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјална вклучување и еднакви можности на лице кое е:

  • со тешка или длабока интелектуална попреченост,
  • со најтешка телесна попреченост,
  • потполно слепо лице и
  • потполно глуво лице.

Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

3. Право на надоместок за помош и нега од друго лице има лице со навршени 26 години возраст, со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице, заради тоа што не може само да ги врши основните активности од секојдневниот живот, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

4. Правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на детето со попреченост и најтешки облици на хронични заболувања, утврдено со Законот за работните односи, родителот го остварува во центарот за социјална заштита, без оглед на возраста на детето.

5. Правото на додаток за домување се обезбедува на материјално и станбено необезбедени лица.
Материјално необезбедено лице е:

  • корисник на гарантирана минимална помош и
  • лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, односно и по престанување на старателството, а најмногу до 26 годишна возраст.

6. Право на траен надоместок има згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство и родител кој се грижел за детето со попреченост.

Право на траен надоместок за згрижувач има згрижувач кој згрижувал лице во своето семејство најмалку петнаесет години, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж, кој е невработен и не користи право на пензија по која било основа.

7. Еднократна парична помош или помош во натура се доделува на лице или на семејство кое се нашло во состојба на социјален ризик, како и на лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија и подолго лекување во здравствена установа на член на семејството.

За да може да се утврди потребата за остварување на право од социјална заштита, потребно е подносителот на барањето да се обрати во месно надлежниот центар за социјална работа, каде стручен тим ќе ја утврди фактичката состојба и потребата за остварување на права од социјална заштита и користење социјални услуги врз основа на извршен непосреден увид во домаќинството на корисникот.

Детски додаток е право на детето и се обезбедува како паричен надоместок за покривање на дел од трошоците при раст и развој на детето. 

Правото на детски додаток се обезбедува на дете, државјанин на Република Северна Македонија, кое живее во домаќинство со постојано место на живеење во Република Северна Македонија и доколку домаќинството не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува. Правото на детски додаток се обезбедува и на дете од домаќинство кое остварило, односно користи право на гарантирана минимална помош, согласно Законот за социјалната заштита. Правото може да го оствари еден од родителите на детето, старателот или лицето на кое со решение на надлежниот центар за социјална работа детето му е доверено на чување и воспитание, под услови утврдени со овој закон. Корисникот на правото на детски додаток треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, со постојано место на живеење во Република Северна Македонија. Странски државјанин кој има живеалиште и регулиран постојан престој во Република Северна Македонија, согласно закон, може да оствари право на детски додаток за дете согласно овој закон и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија. 

Детски додаток следува за децата кои родителот ги издржува и тоа за деца родени во брак или вон брак, посвоени деца, како и за внуци, браќа, сестри и за други деца земени на издржување и се обезбедува до наполнување на 18 години живот на детето.

Правото на детски додаток се остварува во зависност од материјалната состојба на домаќинството, односно право на детски додаток има дете во семејство чии вкупни просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството се во висина до прагот за пристап на правото на детски додаток, кој е поставен на 6.800 денари, а кој се зголемува за секој член на домакинството за коефициент од еквивалентната скала, а најмногу за вкупно осум члена во домаќинството, и тоа за: - вториот член за коефициент од 0.5, - третиот член за коефициент од 0.4, - четвртиот член за коефициент од 0.4, - петтиот член за коефициент од 0.2, - шестиот член за коефициент од 0.1, - седмиот член за коефициент од 0.1 и - осмиот член за коефициент од 0.1. 
Еквивалентната скала се зголемува дополнително за коефициент од 1.2 за самохран родител.

Детски додаток не следува за: 

  • дете сместено во установа за социјална заштита или друга установа со решение на центарот за социјална работа и 
  • дете државјанин на Република Северна Македонија, за кое родителот остварил право на детски додаток согласно со прописите на друга држава.

Условите за добивање ученичка, односно студентска стипендија се уредуваат со конкурсите кои Министерството за образование и наука ги објавува на својата веб-страница: www.mon.gov.mk.

За учениците, предвидени се повеќе категории стипендии (14) – и, покрај општите услови кои важат за секоја категорија, постојат и специфични услови поврзани со самата категорија. Во општите услови, потребно е учениците: 

  1. Да се редовни ученици; 
  2. Да не повторувале година во текот на образованието; 
  3. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми; 
  4. Да се државјани на Република Северна Македонија. 

Критериум поврзани со категоријата на стипендија се: 

  • Наставна програма, 
  • Материјалната состојба на потесното семејство на ученикот, 
  • Социјалната положба на потесното семејство на ученикот, 
  • Остварениот успех и 
  • Освоени награди на меѓународни/државни натпревари освоени во текот на претходните  учебни години, 
  • Посебни потреби /родителска грижа. 

За студентите, предвидени се повеќе категории (и поткатегории) стипендии (7) – и, покрај општите услови кои важат за секоја категорија, постојат и специфични услови поврзани со самата категорија. Во општите услови потребно е студентите:   

  1. Да се редовни студенти; 
  2. Да не повторувале година во текот на студирањето; 
  3. Да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании; 
  4. Да се државјани на Република Северна Македонија. 

Критериуми поврзани со категоријата на стипендија се:

  1. Постигнат успех од претходните студиски години до тековната година и процент на положени испити од претходната година; 
  2. Материјалната состојба на студентот и на потесното семејство; 
  3. Посебни потреби /родителска грижа; 
  4. Учество во Програмата за обезбедување туторство на ученици од основното образование; 
  5. Наставно-научно подрачје; 
  6. Претходно користена стипендија од Министерството за образование и наука. 

Со член 4 став 1 точка 4 од Законот за социјалната заштита (Службен весник на РСМ 104/19, 146/19 , 275/19, 302/20 и 311/20), е уредено дека „самохран родител“ е родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат, или од оправдани причини привремено, или трајно, не ги извршува родителските права и должности. Ваквата дефиниција е усогласена со одредбите од Законот за семејството (Службен Весник на Република Македонија бр. 80/92, 9/96, 38/04, 33/06, 84/08, 67/10, 156/10, 39/12, 44/12, 38/14, 115/14, 104/15 и 150/15), каде во член 45 од законот е уредено дека родителското право им припаѓа на мајката и на таткото подеднакво, а доколку  еден од родителите е умрен или не е познат или му е одземено родителското право или ако од други причини е спречен да го врши родителското право (издржување на казна затвор, подолготрајно болничко лекување и сл),  родителското право го врши другиот родител. 

Мерката на Владата на Република Северна Македонија која се однесува на ослободување на бремените жени од работа и работни обврски со физичко присуство на работно место, сѐ уште е на сила и е содржана во членот 13 точка 11 од Одлуката на Владата за превентивни препораки, врeмени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од COVID-19 (Службен весник на Република Северна Македонија бр.263/20). Согласно член 16 од одлуката, превентивните препораки, времените мерки, наредените мерки, наменските протоколи, планови и алгоритми за постапување од оваа одлука ќе се применуваат до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација, за што јавноста навремено ќе биде известена. Отсуството од работа е оправдано. Бремената жена своето отсуство од работа го оправдува со потврда за бременост од матичниот гинеколог, која ја доставува до работодавачот кај кого е вработена. Потврдата за отсуството од работа треба да ја достави работничката.

Предвидена помош со петиот пакет мерки:

  • Директна финансиска поддршка за компаниите, со цел задржување на работните места на граѓаните во секторите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани;
  • Финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници;
  • Креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на пара-фискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки;
  • Поддршка за граѓаните.

Предвидена помош со шестиот пакет мерки:

  • Кредитна линија за поддршка на медиуми; 
  • Поддршка на ликвидност на компаниите; 
  • Финансиска поддршка на угостителите регистрирани со шифри на приоритетна дејност: 56.10, 56.29, 56.30;  
  • Финансиска поддршка на категоризирани: приватни детски одморалишта, ноќни клубови, игротеки, ресторани за свадби, евент индустрија, фитнес центри, фотографи и фотографски студија; 
  • Финансиска поддршка на туристички агенции; 
  • Финансиска поддршка на естрадни музичари и туристички водичи; 
  • Бесплатни ПЦР ковид тестови за странски туристи кои престојувале во државава.

Министерството за економија секоја година реализира Програма за конкурентност иновации и претприемништво со која се предвидуваат и реализраат различни сетови на мерки наменети за:

  • поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија и занаетчиство, 
  • зголемување на конкурентноста на деловните субјекти, 
  • поттикнување на општествена одговорност кај компаниите.

Со овие мерки се кофинансираат трошоци на деловните субјекти направени за разни намени, како на пример, за набавка на опрема и алати, уредување на деловен простор, воведување на стандарди за квалитет, разни истражувања, анализи и сл.

Секоја година, мерките се креираат согласно  владините политики, расположивите буџетски средства, потребите на компаниите, како и врз основа на анализите за ефектите од реализацијата на мерките од претходните години, пројавениот интерес на компаниите итн. 

Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво се усвојува од Владата на Република Северна Македонија, обично на почеток на јануари за годината за која се однесува и истата се објавува на веб страната на Министерството за економија  (www.economy.gov.mk).

За секоја од предвидените мерки во Програмата, во текот на годината, на веб страницата на Министерството за економија се објавуваат јавни повици во кои се објаснети предметот/намената на јавниот повик, условите за аплицирање, потребните документи и  начинот и рокот на поднесување на апликациите.

Заинтересираните компании на почетокот на годината можат да се информираат кои мерки за поддршка на МСП ќе се реализираат во тековната година согласно  Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво, а подоцна треба да ги следат објавите на јавните повици за секоја од мерките од Програмата.

Согласно Законот за отпис на камати за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на Ковид-19  под физичко лице во смисла на овој закон се смета секој поединец, државјанин на Република Северна Македонија и кој што не е регистриран како вршител на дејност (трговец поединец), а кое се јавува како должник пред државните органи и јавните институции, односно има обврска за плаќање на данок или друг вид јавна давачка, во смисла на Законот за даночна постапка.
Дополнително  со  горенаведниот закон се уредуваат условите, начинот и постапката за еднократен отпис на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и на даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците во постапка на нивна наплата, на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегувањето во сила на овој закон.

Согласно член 5, физичкото лице од овој закон има право на отплата на главниот долг и трошоците согласно условите и на начин уредени со овој закон, како и право на отпис на каматата пресметана на главниот долг до денот на влегувањето во сила на овој закон.

Државните органи и јавните институции наведени во овој закон, по сила на овој закон се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата по основ на главниот долг од овој закон, во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон и за истото, најдоцна во рок од 15 дена од денот на утврдување на износот на главниот долг, трошоците и каматата да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, по пат на јавна објава на нивната официјална веб страница, или преку радиодифузерите, или преку печатените медиуми, електронските медиуми, или друг начин на јавно информирање, утврден согласно закон.

Јавната објава од став од член 5 содржи име и презиме на физичкото лице, година на раѓање на физичкото лице, место на живеење или престој на физичкото лице, поединечен износ на камата за кој физичкото лице има право на отпис според видот на долгот, поединечен износ на главен долг и трошоци според видот на долгот, вкупен износ на главен долг и трошоци, рок на отплата на главниот долг и трошоците и податоци за основот за утврдување на долгот.

Државните органи и јавните институции, во рок од 60 дена по извршениот отпис, се должни да го информираат Министерството за финансии, за извршениот отпис на каматата.

Министерството за надворешни работи е посветено на воспоставување најдобра, наједноставна и најефикасно можна комуникација со своите државјани. Многу важен мост за оваа комуникација е официјалната веб страница на МНР, каде постојано се објавуваат сите новини и се ажурираат постоечките информации. Ажурирани и веродостојни се исто така и податоците за Ковид-19, кои може да се најдат на следниот линк. МНР има посебна единица што се занимава единствено со ваков тип на информации, имено ги прима информациите од нашите ДКП-а низ различни земји и штом земјите ќе излезат со нови услови за Ковид-19, соодветните информации се ажурираат и на веб страницата на МНР. Инаку, постои т.н. Глобал СОС, или пак дежурни телефонски броеви за повикување, како можност за сите заинтересирани лица да добијат подетални информации, поврзани со државата каде се заинтересирани да патуваат.  На овој линк можете да ги најдете дежурните броеви за итни ситуации.

Согласно постојната законска регулатива и донесените правила и прописи секој полнолетен човек без разлика на неговиот пол, верска и национална припадност кој е жител на Република Северна Македонија, а се занимава со земјоделие и притоа го има регулирано:

  • правото на користење, сопственост или заем над земјоделското земјиште кое го обработува,
  • правото на користење или сопственост на добитокот (ситен или крупен) кој го одгледува или одгледува пчелни семејства 

има право да поднесе апликација за субвенции. 

Аплицирањето за субвенции само по себе не значи и одобрување и исплата. Доколку земјоделецот ги исполнува минималните услови предвидени како минимална површина засеана по  одредена култура/и, минимален број на грла добиток или пчелни семејства и сл. на истиот субвенциите, ќе му бидат одобрени и исплатени во зависност од расположливите капацитети кои ќе ги пријави во законски предвидените рокови.

Постапка која е потребно да се спроведе пред поднесување на апликации за субвенции, а којашто е услов за остварување на правото за поднесување на апликација за субвенции и  за добивање на субвенции:

  • Запишување во Единствениот регистер на земјоделски стопанства (ЕРЗС)
  • Графичко исцртување на земјоделските површини кои се предмет на обработка – доколку се работи за земјоделско земјиште во Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП).

Секој човек кој се занимава со обработка на земјоделско земјиште, одгледува добиток, пчелни семејства и произведува земјоделски производи потребно е најнапред да се јави во просториите на подрачна единица на МЗШВ во зависност од местото на живеење по лична карта, за да ги евидентира своите капацитети на земјиште, добиток или пчелни семејства. 

Без разлика каде се наоѓа земјоделското земјиште на кое се врши производството или се одгледува добитокот, земјоделскиот имот - капацитетите се евидентират според местото на живеење на земјоделецот по личната карта, а не според локацијата каде се наоѓа.
Земјоделците во ЕРЗС можат да бидат запишани како:

  1. Евидентирано семејно земјоделско стопанство
  2. Регистриран земјоделец 

Регистрираните земјоделци можат да бидат регистрирани по различни закони и во различни форми: 

  • по законот за вршење на земјоделска дејност; 
  • по регулативите за плаќање пензиско и здравствено осигурување со повластена стапка;
  • по закон за трговски друштва со главна дејност земјоделие.

1. Евидентиран земјоделец (семејно земјоделско стопанство)

Потребни документи за евидентирање во ЕРЗС и исцртување во СИЗП за семејно земјоделско стопанство:

  • барање за запишување и измена и дополнување во ЕРЗС (образецот се подига и пополнува во подрачната единица на МЗШВ;
  • лична карта на увид;
  • уплатница од 50 денари на Буџет на РСМ за административна такса; 
  • уплатница од 250 денари на Буџет на МЗШВ административна такса за издавање на Решение за упис во ЕРЗС;
  • фотокопија од трансакциска сметка;

Имотен лист не е потребно, бидејќи базата на МЗШВ е поврзана со АКН и податоците за имот од земјоделско земјиште операторите во подрачните единици ги превземаат по службена должност.

Доколку земјоделецот има склучено договор за закуп за државно земјоделско земјиште, или краткорочен или долгорочен договор за закуп за приватно земјоделско земјиште со друг земјоделец, а тој не е поднесен или евидентиран во АКН, потребно е со себе да носи примерок од тој догововор или истиот претходно да го пријави во АКН.

За земјоделците кои немаат земјиште, а се занимаваат со земјоделска дејност како што е одгледување на добиток потребен, документ за евидентирање во ЕРЗС којшто треба да го достават во подрчната единица (кога пријавуват за прв пат) прилог на барањето е Карта за идентификација на одгледувалиштето со единствен регистарски број на одгледувалиштето - РБО, додека ажурирањето на податоците се одвива по службена должност.

По доставување на потребната наведена документација, административните службеници имаат законски рок од 15 дена да го обработат барањето и да ги внесат податоците на поносителот на барањето и доколку е во можност барателот, потребно е да присуствува при исцртување на парцелите во СИЗП, со цел заедничкки со операторот да ги утврдат точните граници и мери на обработливото земјоделско земјиште.

Откако ќе се обработат податоците на барателот, подрачната единица на МЗШВ на подносителот на барањето му издава Решение за запишување/незапишување во ЕРЗС.

Барателот, доколку е незадоволен, има прво на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Вака евидентираниот земјоделец со земјоделскиот имот, без разлика дали се работи за земјоделско земјиште, добиток, пчелни семејства или друга земјоделска дејност по објавување на повикот за поднесување апликации со точно определен рок за поднесување на апликации за субвенции може да поднесе барање за добивање на субвенции.

2. Регистриран земјоделец 

Услови кои е потребно да ги исполнува барателот и потребни документи за запишување на земјоделец во Регистерот на индивидуални земјоделци  во Закон за вршење на земјоделска дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/02, 89/08, 116/10, 53/11 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/21). 

Индивидуалниот земјоделец (ИЗ) може да врши земјоделска дејност ако ги исполнува следниве услови:

  • дејноста да ја врши на земјоделско земјиште на кое има право на сопственост или го има добиено врз правна основа од сопственикот (концесија, закуп, плодоуживање и друго), или да има капацитети за соодветната земјоделска дејност;
  • да е полнолетен;
  • да има општа здравствена способност;
  • да не е во работен однос или пензионер;
  • со правосилна пресуда да не му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење дејност;
  • да ги има намирено пристигнатите даночни обврски и други јавни давачки и
  • да не е запишан во трговскиот регистар.

Потребни документи кои произлегуват од поставените услови:

  1. За упис во Регистерот на индивидуални земјоделци, барателот поднесува барање до подрачната единица на Министерството во местото каде се наоѓа земјоделското земјиште на кое се врши дејноста (овој документ го има како образец во подрачната единица и таму се пополнува);
  2. Документ за земјоделското земјиште не е потребен бидејќи операторот во подрачната единица го обезбедува по службна должност од АКН.

    Доколку индивидуалниот земјоделец се запшува со земјоделски капаците за одгледување на добиток или пчелни семејства потребно е да достави Карта за идентификација на одгледувалиштето со единствен регистарски број на одгледувалиштето - РБО.

    За останатите капацитети за вршење на соодветна земјоделска дејност, индивидуалниот земјоделец доставува веродостоен документ (Решение, Одобрение, Уверение и сл. ) со кој ќе потврди дека има уредно спроведно постапка за запишување на земјоделски капацитети;

  3. Полнолетноста се докажува со личен документ за идентификација на барателот (лична карта/пасош) при поднесување на барањето на увид;
  4. Здравствената состојаба се докажува со потврда издадена од матичниот лекар;
  5. За докажување на состојба дека лицето е невработено  или пензионер подрачната диница по службена должност ќе обрати до АВРМ и ФЗО за да достави документ со кој ќе ја докаже состојба наведена во барањето;
  6. За докажување на условот дека на подносителот на барањето не му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на дејност барателот е потребно да достави потврда од месно надлежниот суд;
  7. Како доказ за подмирени даночни обврски и другите јавни давачки барателот доставува документ (Уверение, Решение или потврда) од УЈП;
  8. Доказ дека не е запишан во трговскиот регистар, барателот не доставува бидејќи операторот во подрачната единица овој документ го прибавува по службена должност од Централниот регистар на РМ;
  9. Документ дека е регистриран за физичко лице како трговец поединец, и правно лице: трговско друштво како акционерско друштво и друштво со ограничена одговорност 
  10. Уплатница од 50 денари на Буџет на РСМ за административна такса;
  11. Уплатница од 250 денари на Буџет на МЗШВ административна такса за издавање на Решение за упис во Регистерот на индивидуални земјоделци;

2.1. Министерството, во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето, донесува Решение за упис во регистарот на индивидуални земјоделци, односно решение за одбивање на барањето. Барателот има право на жалба на донесеното решени доколку е незадоволен во рок од 15 дена од денот на приемот на решнието.

По завршување на постапката  за запишување на индивидуалниот земјоделец во овој регистер  се спроведува претходно опишаната постапка за запишување и евидентирање во ЕРЗС.

2.2. Постапките за регистрирање на индивидуално земјоделско стопанство (ИЗ) по повластена стапка согласно регулативите за плаќање пензиско и здравствено осигурување ги водат Фондот за здравствено и пензиско осигурување  од каде на земјоделецот му се издава Решение за регистриран индивидуален земјоделец (ИЗ) .
Постапка и потребни документи за поднесување на апликација за субвенции (Единствено барање за директни плаќања):

За поднесување на апликации за субвенции од страна на земјоделците не се потребни никакви документи, а барањето за диретни плаќања се поднесува електронски и во хартиена форма.

Од 2015 година ситемот за поднесување апликации за субвенции на АФПЗРР е отворен и земјоделците, покрај преку подрачните единици - Барање за директни плаќања (субвенции) можат да поднесат од каде било, индивидуално, или со нечија помош. Потребно е само интернет и електронски уред (компјутер, лап топ и сл.)

Постапка:

На страната на Агенцијата за финансиска поддршка има линк е- барање каде земјоделецот се најавува со внесување на своја е-маил адреса и лозинка којашто ја има пријавено во ЕРЗС - и креира Единствено барање за директни плаќања. За земјоделците кои не се во можност сами да поднесат апликација или не се доволно умешни сами да креираат барање Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку своите подрачни единици им ја дава потребната логистичка и техничка помош на земјоделците. Потребно е земјоделецот да се јави во најблиската подрачна единица и да поднесе Барање за техничка помош во кое барање ќе ги наведе своите земјоделски капацитети или добиток за кој сака да побара субвенции и операторите во Подрачната единица ќе го обработат неговото барање  во негово име, и  ќе ја поднесат апликацијата за субвенции. Операторите имат обврска да му испечати по два примерока од креираното барање на секој подносите на барање. Едниот примерок потпишан од барателот,  барателот има законска обврска лично да го достави по пошта до АФПЗРР, а другиот примерок го задржува за себе. Доколку земјоделецот не е во можност сам да си го достави барањето до АФПЗРР, им се дава логистичка подршка од подрачната единица за достава на истото. 

Доколку барателот има потреба да направи определена измена во барањето или утврди дека направил пропуст или гршка при поднесување на апликацијата за субвенции истиот има право во рок од 30 дена до денот на поднесување на првото Барање за директни плаќања да го дополни и измени поднесеното барање.

Во програмата за директни плаќања која ја носи МЗШВ секоја година и истата е објавена на сајтот на МЗШВ, АФПЗРР и на огласните табли во подрачните единици, секој земјоделец може да добие информација за која култура колку е минималната површина или минимален број на грла добиток за остварување на право на субвенции. Во програмата се опишани и конкретните рокови за сите мерки за аплицирање со почетен и краен датум за поднесување на апликација.

За определени мерки како што  е субвенција за предаден килограм  тутун, или продадено килограм млеко во регистриран откупувач, земјоделецот нема потреба да поднесува апликација за субвенции. Овие мерки се одобруваат и исплаќаат врз основа на изготвени  листи со производители  кои уредно и навремено го предале своето производство од страна на откупувачите на тутун и млеко (но условот за евидентирање во ЕРЗС и спроведување на претходно опишанат постапка останува).

За пријавување на субвенции за откупени и преработени количини на зеленчук и овошје во регистрирани откупувачи и преработувачи во утврдениот рок за аплицирање земјоделецот е потребно да достави потврда за предаденото овошје и зеленчук во Подрачната единица од каде ќе му биде креирана апликацијата за добивање на субвенции (може да аплицира но, доколку барателот претходно има пријавено површини засеани со културата од која има продадено зеленчук или овошје).

Граѓаните кои се во неповолна финансиска положба, можат да се обратат до Министерството за правда и до подрачните единици на министертсвото и да побараат да им се даде правна помош, или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од Буџетот на министерството.

Бесплатната правна помош граѓаните можат да ја добијат за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување жртви на семејно насилство, за остварување социјална помош, за спорови со осигурителни компании, но и за други потреби.

Законот предвидува давање примарна и на секундарна правна помош.

Примарната правна помош ја даваат овластени лица од Министерството за правда, или од подрачните одделенија, кои ги има по градовите во државата. Примарна правна помош даваат овластени здруженија.

Примарната правна помош се состои од давање општ правен совет, општа правна информација, помош при составување на барање за бесплатна правна помош. 

Секундарната правна помош ја даваат адвокатите и таа се состои од застапување во граѓански судски постапки, во управни постапки пред Фондот за пензиско и инвалидсно осугуривање, Фондот за здравствено осигурување, застапување во постапка за расправање на оставина пред нотар, составување поднесоци на должник пред извршител и сл.

Услови кои треба да ги исполни барателот на бесплатна правна помош:

  • Ако барателот живее сам, неговиот месечен приход да не е поголем од утврдената минимална плата;
  • Ако живее во семејство – вкупниот приход да не биде поголем од минимална плата зголемена за 20% од минималната плата на целото семејство. Тоа значи 12.500 денари. плус 2.500 денари, или вкупно 15.000 денари месечен приход ако се двочлено семество, или 17.500 денари за трочлено семејство, или 20.000 за четиричлено семество итн.
  • При тоа, како приход не се смета надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за дете, детски и посебен додаток, додаток заради посебни потреби, надоместок на плата за скратено работно време итн; 
  • Исто така барателот на правна помош може да има еден едностанбен објект, или стан во зграда;
  • Да има во сопственост една или повеќе физички поврзани парцели со вкупна површина од 300 м2 во Скопје, 500 м2 во другите општини, односно една или повеќе парцели, со вкупна површина не поголема од 5.000 м2 во рурални средини и
  • едно моторно возило до 1200 кубни сантиметри.

Kорисниците на бесплатна правна помош се ослободени од судски трошоци и од трошоци за вештачење (истото ќе се врши од Бирото за судски вештачења без надомест).

Согласно Законот за здравственото осигурување, здравственото осигурување се установува како задолжително и доброволно. Задолжително здравствено осигурување се установува за сите граѓани, заради обезбедување здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон.

Доброволно здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување.

Задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување. 

За да може да користи здравствени услуги на товар на Фондот, граѓанинот мора да има едно од својствата предвидени во законот. Тие, согласно членот 5 на законот се:

  1. Работник во работен однос кај правно лице, самовработено лице, установа, друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје;

    1-а) извршен член на одбор на директори во трговско друштво, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво, доколку не е осигурен по ниеден друг основ;

    1-в) лице кое има краткотрајно вработување согласно со Законот за агенциите за привремени вработувања;

  2. Државјанин на Република Северна Македонија кој на територијата на Република Северна Македонија е вработен кај странски и меѓународни органи, организации и установи, кај странски дипломатски и конзуларни претставништва, во лична служба на странски дипломатски и конзуларни претставништва, или е во лична служба на странци, доколку со меѓународен договор поинаку не е определено;
  3. Самовработено лице;
  4. Индивидуален земјоделец;
  5. Верско службено лице;
  6. Привремено невработено лице додека прима паричен надоместок од осигурување во случај на невработеност;
  7. Државјанин на Република Северна Македонија вработен во странство, ако за тоа време не е задолжително осигуран кај странски носител на осигурување според законот на земјата во која е вработен, или според меѓународна спогодба, а имал живаелиште на територијата на Република Северна Македонија непосредно пред засновањето на работниот однос во странство – за членовите на семејството кои живеат во Република Северна Македонија;
  8. Корисник на пензија и надоместок на плата според прописите на пензиското и инвалидското осигурување;
  9. Државјанин на Република Северна Македонија кој прима пензија или инвалиднина од странски носител на осигурување од држава со која Република Северна Македонија нема склучено/превземено договор за социјално осигурување или пак Република Северна Македонија има склучено/превземено ваков договор, но во него не е регулирана можноста за остварување на право на здравствено осигурување, додека престојува на територијата на Републиката;
  10. Лице корисник на постојана парична помош; лице со статус на признаен бегалец; лице под супсидијарна заштита; лице сместено во згрижувачко семејство; лице сместено во установа за социјална заштита (за институционална и вонинституционална заштита); корисник на паричен надоместок за помош и нега од друго лице; лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, најмногу до 26 години, а користи социјална парична помош; лице-жртва на семејно насилство за кое се превзема мерка на заштита согласно законот за семејство и лице опфатено со организирано самостојно живеење со поддршка; ако не може да се осигураат по друга основа.
  11. Странец кој на територијата на Република Северна Македонија е во работен однос или во служба на странски физички и правни лица, меѓународни организации и установи или странски дипломатски и конзуларни претставништва ако со меѓународен договор поинаку не е определено;
  12. Странец кој се наоѓа на школување или стручно усовршување во Републиката, ако со меѓународен договор поинаку не е определено;
  13. Лице на издржување на казна затвор, лице кое се наоѓа во притвор (ако не е осигурено по друга основа) и малолетно лице кое се наоѓа на извршување на воспитна мерка упатување во воспитно - поправен дом, односно установа;
  14. Учесник во НОВ и учесник во Народноослободителното движење, воен инвалид и членовите на семејствата на паднатите борци и умрените учесници во НОВ, како и цивилните инвалиди од Втората светска војна, лицата прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на нашата држава и нејзината државност, на кои тоа својство им е утврдено со посебни прописи и членовите на семејството и родителите на лицата граѓани на Република Северна Македонија, загинати во војните при распадот на СФРЈ, и
  15. Државјанин на Република Северна Македонија кој не е задолжително осигурен по една од точките од 1 до 14 на овој член.

Граѓаните кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување, според горенаведените основи, можат да пристапат кон задолжителното здравствено осигурување заради користење на основните здравствени услуги од член 9 на Законот за здравственото осигурување.

Од изложеното произлегува дека, доколку лицето кое го поставува прашањето не исполнува некој од основите за задолжително осигурување (точки 1-14), што може да се претпостави врз основа на наводот „Немам здравствено осигурување, а имам потреба од лекување“, има можност 1. да се пријави врз основа на точката 15, со доказ дека не остварува приход од вршење на дејност или имот (уверение од УЈП за остварени приходи), со што ќе може да ги користи основните права од задолжителното здравствено осигурување, или 2. доброволно да пристапи кон здравственото осигурување, за што ќе му биде утврден месечен износ што ќе треба да го плаќа за здравствено осигурување.