„На локалните избори на 17-ти октомври граѓаните ќе одлучат што е тоа што е најдобро за нив“, нагласи премиерот Заев во интервју за ТВ Сител, и додаде дека Влада со радикални политички ставови не му треба на никој, а најмалку на граѓаните кои веднаш ќе се соочат со последиците на лажниот патриотизам.
„За мене во моментот коалиција со Левица значи коалиција против НАТО. Тие се отворено против НАТО, тие отворено го исмејуваат нашиот стратешки партнер САД, кој до сега има вложено 1,5 милијарди евра за нашиот народ и за дигање на капацитетот на нашите институции. Тие се против ЕУ. Тие ќе нѐ скараат со соседите првиот момент кога ќе дојдат. Тие веднаш ќе предизвикаат непријателство внатре, мултиетничко во државата. Тоа е иднината на државата? Ако ние како граѓани сме за таква иднина тогаш може да се определиме така, јас никако не“, истакна премиерот Заев во интервју за ТВ Сител.
„Јас знам, демократија е, луѓето можат слободно да одлучат, но ние политичарите сме одговорни и за одлуките кои ги носиме“, рече Заев и додаде дека како прогресивен политичар верува во подадена рака, во дијалог, во дипломатија, во кроткост, памет, трпение, и дека тоа што треба да се стави на маса пред граѓаните како избор треба да се стави со душа и срце.