Со положување венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски и со оддавање почит за нивниот значаен придонес во воспоставувањето на самостојната државност на нашата земја, денеска започнаа програмските содржини со кои граѓаните на Република Северна Македонија ја празнуваат и одбележуваат 30-годишнината од независноста.
Во алејата на великаните на гробиштата во Бутел, пред гробните места на претседателите Глигоров и Трајковски венци со свежо цвеќе положија претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски.
Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија на церемонијата на положување цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски ја предводеше премиерот Зоран Заев придружуван од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот во Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерката за образование и наука Мила Царовска.
Покрај членовите на делегациите на државниот врв, свежо цвеќе положија и оддадоа почит и делегација на Армијата на Република Северна Македонија, на Сојузот на борците, на повеќе државни и општествени институции, на дипломатскиот кор, на верските заедници, на граѓанските организации, на политичките партии, на ЗЕЛС и на Градот Скопје, како и бројни други делегации.
Централната свечена програма за одбележување 30 години независност на Република Северна Македонија, како високо-церемонијална државна манифестација ќе започне денеска во 17:00 часот пред Собранието на Република Северна Македонија и со своите содржини ќе биде посветена на историскиот референдум на 8 септември 1991 година, кога граѓанките и граѓаните на Република Македонија го потврдија илинденскиот и асномскиот континуитет и масовно го дадоа својот глас за независност на нашата држава како суверен меѓународен субјект и за меѓународно признавање како рамноправна членка на заедницата на народите.
Настанот ја отсликува денешна Северна Македонија која стана дом еднаков за сите граѓани, општество за сите граѓаните кои заеднички ги остварија нашите стратешки интереси што ја определуваат иднината на нашата земја.
По повод трите децении независност, претседателот Стево Пендаровски денеска со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.