„Попишаните околу еден милион и сто илјади граѓани, се најсериозна гаранција дека до крајот на месецот, Пописот успешно ќе заврши и ќе даде квалитетни информации кои ни се потребни, најмногу заради проекциите и квалитетен економски развој“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев за актуелниот попис, учествувајќи во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 Телевизија.
Премиерот Заев им се заблагодари на граѓаните, на професионалците од Државниот завод за статистика и на попишувачите, со кои заедно, кои наспроти тврдењата на опозицијата дека треба да се одложи пописот и дека не постојат услови заради здравствената криза, докажаа дека со почитување на строгите протоколи за заштита од КОВИД-19 и оваа сложена статистичка операција се извршува квалитетно.
Премиерот Заев истакна дека дури и оние малубројни граѓани кои одбиваат при првиот обид да се попишат, како и активисти кои повикуваа на бојкот, се попишуваат.
„Не се обидувајте да го потцените нашиот народ. Нашиот народ не може да го потцените, денеска сè е јавно и сè е транспарентно“, рече Заев посочувајќи дека народот знае кој го опструира пописот.
Премиерот Заев додаде дека и покрај тоа што постојат сериозни хакерски напади, тие успешно и системски се надминуваат, притоа изразувајќи увереност дека до крајот на месецот успешно ќе заврши пописот.