Премиерот Заев во интервјуто за австриски „Стандард“: Оптимист сум заради тоа што ние се обидуваме да ја разбереме бугарската позиција, а тие нашата

Во интервју за австрискиот весник „Стандард“ на прашањето за бугарското вето на пристапните преговори за Северна Македонија во ЕУ и можниот излез од оваа ситуација, премиерот Зоран Заев вели дека продолжуваат разговорите со нашиот сосед и дека, според него, направени се чекори поблиску до решение.

„Мислам дека е можно да се постигне придвижување пред Божиќ, односно на Советот на ЕУ на 22 декември, бидејќи Бугарија до тогаш ќе избере нов парламент на 14 ноември, а вториот круг од претседателските избори таму ќе се одржи една недела подоцна. Така, тие имаат повеќе од еден месец да донесат одлука. Министрите за надворешни работи напорно работат на тоа. Ние се обидуваме да ја разбереме позицијата на Бугарија и тие се обидуваат да ја разберат нашата позиција“, истакнува претседателот на Владата Заев во интервју за виенски „Стандард“.

Премиерот Заев подвлече дека овој процес е билатерална работа, дека во него ЕУ е наш заеднички пријател и дека имаме целосна доверба во европските институции.