Обраќање на министерот Спасовски на денешната заедничка прес-конференција по повод трагичната автобуска несреќа

Во прилог го пренесуваме интегралното обраќање на министерот Спасовски на денешната заедничка прес-конференција по повод трагичната автобуска несреќа.


Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,

Дозволете ми во овие тешки моменти на тага и болка за целата држава да изразам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите во трагичната сообраќајна несреќа која се случи во Бугарија, споделувајќи ја тежината на ненадоместливата загуба. Иако е тешко да се најдат зборови на утеха, во овие траорни мигови, сакам да порачам како член на Владата и како човек, дека остануваме заедно со семејствата, а институциите се тука да обезбедат поддршка и помош согласно потребите, односно веќе е извесно дека организацијата и трошоците околу враќањето на жртвите во несреќата во земјава ќе бидат на товар на државата.

Утринава веднаш телефонски исконтактирав со мојот бугарски колега Рашков и му најавив дека тим на Министерството за внатрешни работи од униформираната и сообраќајната полиција, како и од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења тргна за  Бугарија и се стави на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги.

Покрај претставници на МВР, во Бугарија пристигнаа и претставници на неколку стручни служби од нашата држава кои ја понудија експертската помош, како и на нашето обвинителство кои на колегите од бугарското јавно обвинителство ќе им ја обезбедат и предадат целокупната потребна документација. Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верувам дека со заедничка соработка многу брзо ќе имаме одговор на сите нејаснотии околу оваа трагедија.

Она што засега можам да го кажам и е во доменот на податоци со кои располага МВР е дека последната извршена проверка за техничка исправност на автобусот е направена на 5 октомври оваа година, а  истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања. 

Нашата земја и Бугарија се заедно во тагата за жртвите од трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, но и во активностите за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификување на загинатите, за давање помош и лекување на настраданите, за што сме, исто така, благодарни. Истовремено, нашите мисли и молитви остануваат со повредените. Од срце посакувам нивно брзо закрепнување и што поскоро враќање во нивните домови, крај најблиските.

Благодарам.