Министерството за здравство информира дека пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во сообраќајната несреќа што се случи на автопатот ,,Струма" во Република Бугарија претпладнево се префрлени на лекување во УКЦ ,,Мајка Тереза" во Скопје.
Министерот за здравство д-р Венко Филипче, ги пречека пациентите и во изјава за медиумите истакна дека двајцата се стабилни, тие се со полесни повреди, задржани се на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат ќе бидат хоспитализирани после што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман. Пристигнаа колегите од Психијатрија со цел да се даде и психолошка помош што е многу битно во овој момент. Целосно сме подготвени да ги преземеме овие пациенти и да продолжи лекувањето - истакна министерот Венко Филипче.
Останатите пациенти кои се на лекување во Софија, ќе бидат отпуштени во фази во зависност од нивната состојба.