Советничката за спорт Силвија Митевска учествуваше на Конференцијата за интегритет во спортот во Рим

Советничката за спорт на претседателот на Владата Силвија Митевска учествуваше во работата на „Конференција за интегритет во спортот“ во организација на Совет на Европа и на Министерството за спорт на Италија.

Конференцијата беше посветена на заштитата на правата и безбедноста на спортистите, борбата против злоупотребата и вознемирувањето, доброто владеење, политики за анти-допинг и превенција од манипулација со спортски натпревари. 

„Добро владеење е императив за заштита на интегритетот во спортот. Раководење на спортска организација според принципот на добро владеење кој подразбира транспарентност, отчетност, јасни процеси на партиципативно одлучување и интегритет на лично и организациско ниво, е мерка за превенција и ублажување на ризиците за корупција во спортот“, истакна советничката на ПВРСМ за спорт, Силвија Митевска во своето обраќање.

Северна Македонија со поддршка на Договорот за спорт (ЕПАС) и Меѓународното Партнерство за борба против корупција во спортот, информираше Митевска на конференцијата, ќе пристапи кон развој на политики за зајакнување на интегритетот во спорт, врз основа на позитивните познати методологии со специфични индикатори, практични алатки и експертиза во овој сектор.

На конференцијата се обратија претставници од државни институции, национални агенции за антикорупција, УНЕСКО, Интерпол, спортски организации и интернационални експерти.

Конференцијата беше организирана во рамки на претседателството на Италија со Совет на Европа.