Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 129-та седница на Владата на Република Северна Македонија и одговараа на новинарски прашања и прашања од интерес на јавноста.
На прес-конференцијата информираа дека Владата ја разгледа и усвои Информацијата за учество на Северна Македонија во рамките на Борбените групи на ЕУ кои се дел од заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ. Со тоа земјава пристапува со една единица во мултинационалната единица „HELBROC BG“ каде што лидер е Грција и во која со свои вооружени сили партиципираат и Бугарија, Романија, Кипар, Србија и Украина, и која во статус на стенд бај треба да биде во првата половина на 2023 година.
Портпаролите соопштија дека на вчерашната седница беше утврден и Предлог-законот за вршење на сметководствени работи, кој, меѓу другото, има за цел да ги подигне стандардите на квалитетот на работата на сметководителите со воведување Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија.
Владата го утврди и Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина. Во него ново е воведувањето на повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина со кое ќе се обезбеди инспекцискиот надзор на целата територија на Република Северна Македонија односно на централно и локално ниво преку донесување на Национална стратегија и Програма за инспекциски надзор во животната средина.
На денешната прес-конференција портпаролите истакнаа дека Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградените објекти со кој се предвидува можност за утврдување на правен статус на бесправните објекти изградени пред 1 јануари 2021 година.
Законот кој беше донесен низ широка и инклузивна јавна расправа треба да биде усвоен во Собранието на Република Северна Македонија.
Владата, исто така, ја разгледа информацијата во врска со доследната примена на Законот за заштита од пушењето во делот на несогорливиот тутун, уредите за нивно загревање и електронските цигари и го усвои мислењето на Министерството за здравство дека несогорливите тутунски производи и уредите за нивно загревање не спаѓаат под одредбите за забрана за пушење од Законот за заштита од пушењето.
Според Министерството за здравство, користењето на несогорливите производи од тутун, уредите за нивно загревање и електронски цигари не претставува пушење и следствено, не потпаѓа под забраната за пушење од член 3 став 1 од Законот за заштита од пушењето, односно истите може да се користат и во затворениот дел од јавните простории. Ова оттаму што според оваа одредба пушењето е дефинирано како „поседување или користење на тутунски производ кој согорува, без оглед дали чадот активно се вдишува или издишува“.
Како еден од заклучоците во врска со оваа информација, Владата го задолжи Државниот пазарен инспекторат и другите надлежни органи во своите дејствија да постапуваат во согласност со заклучокот на Министерството за здравство.
Портпаролите истакнаа дека на истата седница на Владата е разгледан и утврден текстот на предлогот на декларацијата за борба против корупцијата како стратешки приоритет на државата и на државните политики со заклучок да биде доставен на усвојување во Собранието на Северна Македонија.
Потребата од изготвување на оваа декларација произлегува од меѓународните документи за борба против корупцијата ратификувани од страна на Република Северна Македонија, од извештаите на Европската комисија, како и од домашните документи и Стратегијата за борба против корупцијата.
За информирање на јавноста и медиумските претставници, Владата на последната седница донесе одлука за усогласување на постоечкиот Протокол за организирање на настани со медиумско присуство. Со овие измени, за влез на настан во отворен или затворен простор, задолжително е поседувањето сертификат за примени две дози вакцина или потврда за прележаност на КОВИД-19 до 45 дена од денот на прележувањето.
Ова усогласување на Протоколот, како што беше информирано, е изработено во консултација со ЗНМ и ССНМ.
Усогласениот Протокол за организирање на настани со медиумско присуство е објавен на веб страницата на Владата на следната адреса: https://vlada.mk/protokoli-koronavirus
На прашањата на новинарите околу можноста да се воведат дополнителни антиковид мерки за време на празниците, портпаролите истакнаа дека според проценките на експертите моменталните рестриктивни мерки против проширувањето на вирусот КОВИД–19 се доволни за претстојните новогодишни празници и дека ситуацијата со пандемијата во земјава е стабилна.
Во однос на прашањето дали ќе има дополнителни мерки за употреба на оружје и распрскувачки материјали беше посочено дека Владата преку Министерството за внатрешни работи презема превентивни и репресивни мерки за справување со пиротехнички средства.
„Последните неколку дена според податоците се запленети над 30 илјади парчиња пиротехника и приведени се неколку лица. Паралелно Министерството продолжува со превентивни активности за да се спречи употребата на овие средства. Во оваа прилика портпаролите потсетија на Законот за прекршоци на јавниот ред и мир којшто во член 31 предвидува глоба од износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства и сличен експлозивен или лесно запалив материјал или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните“, информираа портпаролите.