Заев и Филипче на врачувањето на признанијата за 8.500 здравствени работници: И во 2021 вие сте хероите во борбата со КОВИД-19

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, на директорите и менаџерските тимови на клиниките од јавното здравство кои најнепосредно беа вклучени во борбата со пандемијата од КОВИД-19, денеска им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на над 8.500 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.
 
На настанот на кој започна со едноминутно молчење во спомен на починатите од КОВИД-19, премиерот Заев истакна дека беа преземени соодветни и ефикасни мерки за да се запре фаталната природа и непредвидливоста на вирусот, да се намалат ризиците и да се пружи соодветна терапија и медицинска нега на заболените.
 
„Заедно со министерот Филипче и со останатите во тимовите непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создававме соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост. Благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид криза функционира без застој. Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие - здравствените работници“, нагласи претседателот на Владата Заев.
 

Премиерот додаде дека со помош пожртвуваноста и посветеноста на здравствените работници беше реорганизирано раководењето со државата со единствена цел – да се стават сите ресурси во заштита на здравјето на сите на наши граѓани.
 
Посебно внимание, потенцираше Заев, беше посветено на вложувањето во човечкиот капитал во здравството и во најкритичните години, за време на пандемијата во буџетите за здравство, образование и социјална заштита беа инвестирани повеќе од 300 милијарди денари.
 
„Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници ги ставивме на врвот на нашите приоритети. Резултатите од реформските мерки во здравството и од ковид мерките докажаа дека инвестиравме таму каде што било најпотребно - во луѓето, во опрема и во болници. Како никогаш досега ги зголемивме платите во јавното здравство. Го вративме достоинството на здравствените работници и им овозможивме подобри услови за работа. Основната плата на лекарите специјалисти се зголемени за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23%, на општите лекари за 25%, а на здравствени соработници за 15%. Вашата посветеност, вашата макотрпна работа во борбата да се спаси секој човечки живот се вредни за секоја пофалба и благодарност, но и за заслужена конкретна финансиска поддршка“, рече Заев пред здравствените работници.
 
Како континуитет на овие политики, истакна Заев, Владата продолжува да испорачува резултати за граѓаните на својата држава. Во таа насока и во Буџетот за 2022 година здравството и здравјето на граѓаните е првиот од четирите приоритети: Да го зајакнеме финансирањето на јавното здравство со зголемени плати на вработените во јавните здравствени установи, заедно со економското заздравување со Планот за економски раст, фискалната одржливост и порастот на јавните инвестиции и поддршката на институционалните реформи и европските интеграции.
 
„Инвестициите во човечкиот потенцијал се клучни за унапредување на квалитетот на здравствените услуги за сите граѓани, но тие мора да одат заедно со капиталните инвестиции во здравствениот сектор. Токму затоа континуирано ги подобруваме условите во болниците и вложуваме во изградба на нови. Одвоивме повеќе милијарди денари за капитални инвестиции во здравството затоа што мора да инвестираме во пристојни и модерни услови за лекување. Повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа. Ги создаваме сите предуслови пациентите да добијат достоен и модерен пристап до здравствена заштита, а вработените достоинствени услови за работа“, потенцираше Заев.
 
Во завршницата на своето обраќање Заев додаде здравјето и лекувањето на пациентите, остануваа во врвот на приоритетите и во наредниот период и изрази убеденост дека ќе продолжат политиките за максимална здравствена заштита и нега со обезбедување на модерно здравство.
 
„Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите пациенти. Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со КОВИД-19 вие сте хероите“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев.
 
Министерот за здравство д-р Венко Филипче во своето обраќање нагласи дека иако медицинскиот кадар целосно се посвети на борбата со пандемијата во континуитет се вршеа сите итни прегледи и интервенции, а лекови и терапија обезбедуваме во континуитет за сите пациенти.
 
„Секој ден не ни беше борба само со корона, туку и организација на здравствениот систем, секојдневни контакти со колегите, консултации за пациенти, долги состаноци за координација, тешки одлуки и лични судбини кои секогаш допираат.. И потоа повторно нов ден пред нас...“, рече Филипче во своето обраќање.
 
Тој додаде дека сите здравствени работници покажаа високо ниво на професионалност, сплотеност и колегијалност и во ниту еден момент не потклекнаа под притисокот.
 
„Часови поминати во скафандери, секојдневно соочување и со болеста, и со смртта. Здравствените работници не се прашуваа дали сакаат да работат во ковид, дали се самохрани родители на малолетно дете, дали имаат ризик во семејството, дали ги загрозуваат своите најблиски со тоа што секојдневно се во допир со болеста. Вие, не знаевте за одмор, за оддишка, за викенд, слободен ден со семејството, пријателите, вие почитувани колеги знаевте само за едно и бевте насочени само кон едно – лекување на пациентите. Светската пандемија наметна ново темпо на работа, а во неа здравствените работници немаат работно време“, истакна министерот Филипче.
 
Филипче уште додаде дека последните недели во континуитет се бележи пад на бројот на новодијагностицирани случаи и процентот на позитивни од тестирани, се намалува и бројот на хоспитализирани, а со тоа е спласнат и притисокот врз болниците и дека се надева дека овој тренд ќе продолжи.
 
„Патот по кој чекоревме заедно изминатиов период беше непредвидлив и тежок на секој нареден чекор, ви благодарам за поддршката и довербата која ја имав од вас, заедно реализиравме многу, на некои проекти дури ни пандемијата не можеше да им го попречи патот. Ви посакувам многу здравје, успех и да опстоите во понатамошните предизвици“, потенцираше министерот за здравство Филипче во своето обраќање на настанот на кој на директорите на клиниките им беа предадени плакетите за над 8.500 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.
 
На настанот во име на здравствените работници се обрати и Александра Георгиева, специјализант на Клиниката за кардиологија, којашто упати апел до граѓаните да се вакцинираат со што ќе им оддадат благодарност на најдобар начин на здравствените работници.
 
Од името на сите здравствени работници на оваа пригодна церемонија на премиерот Заев му беше врачена уметничка слика од авторот Мерсад Бербер како благодарност за неговата поддршка на здравствените работници и јавното здравство во битката со пандемијата.


 

Заев: Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници ги ставивме на врвот на нашите приоритети

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче, на директорите и менаџерските тимови на клиниките од јавното здравство кои најнепосредно беа вклучени во борбата со пандемијата од КОВИД-19, денеска им ги предадоа плакетите што ќе им бидат врачени на над 8.500 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.

Во продолжение на ова соопштение во го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„Слава им и вечен спомен на сите што во изминатите две години починаа од последици од КОВИД-19.

Во овие моменти на оддавање признание на здравствените работници кои се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата без преседан во нашата современа историја, ние никогаш нема да ги заборавиме починатите. Нашите блиски, нашите роднини, нашите пријатели и познаници, сите наши граѓани кои починаа од последиците од вирусот.

Болна е таа загуба и како таква ќе остане засекогаш во мојата душа.

Денес, кога ја затворам последната страница од моите два мандати како премиер, јавно ја изразувам мојата споделена тага и сочувство со најблиските на починатите и немам никаква илузија дека борбата со пандемијата ќе биде болдирано поглавје во мојата кариера како премиер.

Она што можам да го кажам од позицијата на соодветноста и сигурноста на мерките и чекорите што беа преземени на наспроти фаталната природа и непредвидливост на вирусот, е дека направивме сѐ за да ги намалиме ризиците и да се справиме со последиците од смртоносниот вирус.
Заедно со министерот Филипче и со останатите во тимовите непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создававме соодветни мерки за да обезбедиме сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост.

Благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид криза функционира без застој.

Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие - здравствените работници.

Со помош на вашата пожртвуваност и посветеност го реорганизиравме раководењето со државата со единствена цел – да ги ставиме сите ресурси во заштита на здравјето на сите на наши граѓани. 

Обезбедивме целосна посветеност на сите сектори за успешно надминување на проблемите кои пандемијата ги носи со себе.

Тоа го правевме истовремено со решавањето на наталожените проблеми од стагнацијата во вложувањето на столбовите на човечкиот капитал: здравството, образованието и социјалната политика.

Оваа влада одлучи тоа да го промени и во најкритичните години, за време на пандемијата во буџетите за здравство, образование и социјална заштита инвестиравме повеќе од 300 милијарди денари. 

Зајакнувањето на човечкиот капитал во здравството значи и подобро јавно здравство. Тоа е нешто што го засега секој од нас во сите фази од животот.

Токму затоа во овие две години во здравството издвоивме историски највисоки финансиски средства од Буџетот ба кои додадовме и дополнителни стотици милиони денари за Ковид програмите наменети за имунизација и за фокусирано справување со пандемијата.

Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници ги ставивме на врвот на нашите приоритети.

Како континуитет на овие политики, Влада продолжува да испорачува резултати за граѓаните на својата држава. Во таа насока и во Буџетот за 2022 година здравството и здравјето на граѓаните е првиот од четирите приоритети: Да го зајакнеме финансирањето на јавното здравство со зголемени плати на вработените во јавните здравствени установи, заедно со економското заздравување со Планот за економски раст, фискалната одржливост и порастот на јавните инвестиции и поддршката на институционалните реформи и европските интеграции.

Резултатите од реформските мерки во здравството и од ковид мерките докажаа дека инвестиравме таму каде што било најпотребно - во луѓето, во опрема и во болници. 

Како никогаш досега ги зголемивме платите во јавното здравство. Го вративме достоинството на здравствените работници и им овозможивме подобри услови за работа. 

Основната плата на лекарите специјалисти се зголемени за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23%, на општите лекари за 25%, а на здравствени соработници за 15%.  

Вашата посветеност, вашата макотрпна работа во борбата да се спаси секој човечки живот се вредни за секоја пофалба и благодарност, но и за заслужена конкретна финансиска поддршка. 

Почитувани,

Инвестициите во вас, во човечкиот потенцијал во здравствениот систем, се клучни за унапредување на квалитетот на здравствените услуги за сите граѓани, но тие мора да одат заедно со капиталните инвестиции во здравствениот сектор.

Токму затоа континуирано ги подобруваме условите во болниците и вложуваме во изградба на нови. Одвоивме повеќе милијарди денари за капитални инвестиции во здравството затоа што мора да инвестираме во пристојни и модерни услови за лекување.

Повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа.

Ги создаваме сите предуслови пациентите да добијат достоен и модерен пристап до здравствена заштита, а вработените достоинствени услови за работа.

Десеттина клиники и општи болници во државата добија најсовремена опрема за магнетна резонанца или компјутерска томографија и сега пристапот на пациентите до соодветна дијагностика, како клучен фактор за ефикасна терапија и здравствена нега значително се подобрени.

Паралелно со овие процеси инвестиравме и во знаењето. Во екот на кризата, за првпат беше направена трансплантација на срце. 

Постигнавме многу значајни резултати во намалување на смртноста на предвремено родените бебиња. Смртноста која што во 2016 година беше 25%, сега е 8,9%. 

Верувајте ми, оваа листа може да продолжи на уште неколку страници, но јас ќе завршам тука затоа што сакам да се вратам на најважното. На вас, на здравствените работници.

Во овие две години покажавте дека здравствените работници се столбот на здравствениот систем.

Дополнително во ваква здравствена криза, со широк спектар на последици за општеството, вие уште покажавте како со пожртвувана работа се чува државата.

Убеден сум дека граѓаните, нивното здравје и лекувањето на пациентите, остануваа во врвот на приоритетите и во наредниот период. Убеден сум дека ќе продолжат политиките за максимална здравствена заштита и нега со обезбедување на модерно здравство.

Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, нека бидат прифатени како спомен за вашето пресудно и исклучително важно учество во нашата заедничка борба против КОВИД-19 и во справувањето со последиците од пандемијата. 

Тоа се признанија што Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите граѓани, на вашите пациенти.

Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста.

Во оваа борба со КОВИД-19 вие сте хероите.

Ви благодарам од името на целиот наш народ“.