Грковска - Мејер: Продолжува поддршката на САД за владеење на правото и за институции како сервис за граѓаните

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со заменик-амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Ерик Мејер.

Заменик-амбасадорот Mejeр на вицепремиерката Грковска ѝ го честиташе стапувањето на новата должност, истакнувајќи ги долгогодишните динамични и пријателски односи помеѓу САД и Северна Македонија, како и отвореноста на САД за соработка во спроведување на реформите од значење за унапредување на евроинтегративниот процес на државата, борбата со корупцијата и одбраната.

Вицепремиерката Грковска ја изрази својата благодарност за силната поддршка на националните интереси на Република Северна Македонија од страна на САД, како и на интензивните реформски процеси, истакнувајќи дека Република Северна Македонија во Соединетите Американски Држави има долгогодишен стратешки партнер.

Грковска ја искористи приликата да го информира заменик-амбасадорот Мејер за имплементирањето на основните принципи на доброто владеење во државата со фокус на дигитализацијата, професионализација на институциите со цел подобрување на услугите што тие ги испорачуваат на граѓаните.

Вицепремиерката на средбата информираше и за исклучителното значење на процесот на дигитализација во чијашто имплементација интензивно се разменуваат знаења со релевантни чинители кои имаат богато искуство во оваа област.

Таа нагласи дека паралелно ќе продолжат напорите за подобрување на функционалноста на институциите, а изрази благодарност до УСАИД и нивните програми во насока на професионализација на јавната администрација.

Заменик-амбасадорот Мејер ги поздрави напорите во правец на спроведување на политиките за добро владеење и ја изрази силната поддршка на САД за сите активности во реформскиот процес.

На средбата двете страни се согласија дека ќе продолжат со плодната соработка со цел државата да има професионални институции кои работат во полза на граѓаните.