Портпаролите на Владата, Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа за одлуките и заклучоците донесени на 16-тата седница, одговарајќи и на прашања од интерес на медиумите и јавноста.
На вчерашната седница е разгледана и усвоена Информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина, при што е задолжено Министерството за надворешни работи, во координација со надлежните институции, да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Република Северна Македонија при Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.
Во моментот, информираа портпаролите, нашите набљудувачи, кои се околу 30-тина, се безбедни и ги извршуваат своите редовни обврски и во случај на дополнително влошување на ситуацијата, се наметнува потребата од брз и ефикасен ангажман во насока на осигурување на нивната безбедност.
Во однос на нашите државјани, Амбасадата на Северна Македонија во Киев има евидентирано бројка од 100-тина кои ги доставиле своите податоци дека престојуваат во Украина и од нив заклучно со вчера, се вратиле 13-мина.
На новинарското прашање дали и колку нашата земја може да прими бегалци од Украина доколку дојде до нов миграциски бран од оваа земја, беше речено дека како и во повеќе наврати досега, Владата ќе понуди помош и во случај на ескалација во Украина, иако сите напори се во насока тоа да не се случи.
Во оваа насока е и денешниот телефонски разговор, кој премиерот Димитар Ковачевски ќе го има со својот колега, Денис Шмигаљ, претседател на украинската Влада со кого меѓу другото ќе разговара и на оваа тема и по овој контакт, Владата ќе направи проценка во врска со видот на помошта што ќе ја понудиме како држава.
На прашањето за тоа дали нашата држава ќе се приклучи на санкциите кон Русија, кои ги подготвија ЕУ и САД, портпаролите го изнесоа ставот дека Северна Македонија е на линија за постигнување на 100% усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Во однос на пакетот санкции на Унијата кој што се најавува, Владата дополнително ќе расправа и ќе одлучи, за што јавноста ќе биде информирана, рекоа портпаролите.
На седницата, исто така, беше разгледан и усвоен усогласениот текст на Спогодбата меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Република Србија за основање на Културно-информативни центри во Скопје и во Белград, која треба да ја потпише министерот за надворешни работи.
Ова ќе биде петти ваков простор за презентација на македонската традиција, култура и уметност во странство.
Веќе функционираат центрите во Истанбул, Софија, Тирана и во Загреб.
Дел од медиумите побараа и одговор за тоа што содржи документот што го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, а којшто Влада ќе го испрати во Брисел на што беше одговорено:
„Владата со целиот свој капацитет е насочена кон решение на отворените прашања со Република Бугарија. Работните групи од двете држави работат според утврдениот план и тоа е начин преку целосна посветеност да се одржува динамиката во процесот. Ставот на Владата е јасен и повеќе пати кажан, дека тогаш кога ќе се постигнат решенија прифатливи за двете страни, ќе бидат презентирани пред надлежните институции. Нашите позиции се кристално чисти и јасни и од тоа не отстапуваме. Нема преговори за јазикот и идентитетот. Впрочем тие позиции заеднички ги потврдија сите политички партии во Собранието. Граѓаните треба да се убедени дека Владата работи на решение коешто ќе биде во интерес на сите. Силно веруваме дека искрениот дијалог е најдобриот и најсигурен начин за успех и демонстрација на европски манири во регионот.“
Во однос на новинарското прашање за тоа дали на седница на Главниот координативен кризен штаб или на Владата е дискутирано за предлогот на Комисијата за заштита од заразни болести наместо 45, сертификатот за прележан ковид да трае 180 денови и за новиот предлог, бремените жени да се вратат на работа и да се укине мерката за поседување на КОВИД сертификат за државјаните на Северна Македонија при излез од земјата, портпаролите информираа дека предлозите ќе се разгледаат на првиот нареден состанок на Главниот координативен кризен штаб. Записникот треба да биде разгледан и усвоен на владина седница и за заклучокот јавноста ќе биде информирана.