Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција, информираа за донесените одлуки и заклучоци од 32-та редовна седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.
Портпаролите информираа дека на вчерашната седница Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година.
Со овој Оперативен план, како што посочија, се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување. Целта е да се обезбедат нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош, како и поддршка на невработените лица на кои им престанал работниот однос во текот на кризата предизвикана поради пандемијата со КОВИД-19, односно од 11 март 2020 година.
Оперативниот план за вработување е предвидено да опфати 14.685 лица, а за програмите, мерките и услугите за вработување се предвидени повеќе од 1,8 милијарди денари.
На прес-конференција беше истакнато дека на вчерашната седница на Владата е разгледана и усвоена информацијата за потпишување на Меморандум за разбирање меѓу Агенцијата за млади и спорт и Министерство за млади и спорт на Република Бугарија за соработка од областа на младите и спортот.
Целта на овој меморандум, како што посочија е дополнително зајакнување на блиските односи меѓу двете земји преку унапредување на соработката меѓу младите и во областа на спортот.
Портпаролите информираа дека на вчерашната седница Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници за усогласување на платите на административните службеници во однос на минималната плата на национално ниво.
Владата исто така ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за март 2022 година. Фондот за пензиското и инвалидското осигурување е задолжен да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 28 овој месец. На деловните банки Владата им препорача да обезбедат пензионерите да може да располагаат со мартовските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 29 март годинава.
Во мартовската пензија се вклучени првите 1.000 денари кои како дополнителна финансиска помош, пензионерите ќе ги добијат и со априлската и со мајската пензија.
Портпаролите истакнаа дека со ова усогласување, како и со новиот модел за континуиран раст на пензиите, кој ќе започне да се применува со септемвриската пензија, пензионерите оваа година ќе имаат вкупно годишно зголемување во 2022 година од над 10.000 денари, што е рекордно зголемување на пензиите во историјата на Северна Македонија.
Портпаролите информираа дека во тек е седницата на Економско-социјалниот совет и дека по нејзиното завршување јавноста ќе биде информирана за заклучоците од состанокот.
На прашањето за бројот на потенцијални бегалци од Украина што Република Северна Македонија може да ги прими, портпаролите информираа дека нашата држава не е на рутата за бегалци каков што беше случајот со бегалците од Сирија. Тие истакнаа дека Министерството за труд и социјална политика, Министерството финансии, Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи преземат координирани мерки за преземање на евентуални бегалци и нивно сместување.
Беше посочено дека Министерството за финансии преку СОЗР беше задолжено да обезбеди 120 милиони денари за хотелско сместување за потенцијални бегалци, но дека досега нема лица кои побарале статус бегалец.
На новинарско прашање за нови мерки и препораки во врска со состојбата со КОВИД-19, беше одговорено дека сите предлози и препораки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат на состанок на Главниот координативен кризен штаб, којшто се очекува да заседава деновиве, а записникот од состанокот ќе се разгледува на наредната седница на Владата, кога се очекува да биде донесена одлука во врска со предложените препораки на Комисијата за заразни болести.