На АП „Криволак“ изведена методско-огледната вежба „Огнена поддршка на механизирана пешадиска единица во напад“
На армискиот полигон „Криволак“ денеска се изведе методско-огледната вежба „Огнена поддршка на механизирана пешадиска единица во напад“, со цел да се прикаже ефективна огнена поддршка на маневарските единици, како и обученост на персоналот од составот на механизираната пешадиска чета заедно со силите за огнена поддршка декларирани за учество во борбената група на Европската унија.
Началникот на Генерал штабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котевски по завршувањето на вежбата изјави дека е задоволен од подготвеноста и организираноста на учесниците во денешната вежба.
- Досега во Република Македонија со овој голем број единици не е изведена вежба. Учествуваше четата која треба да изврши пополнување на борбената група во ЕУ заедно со СР Германија, Чешка и Исланд. Нашите војници се обучени не само за НАТО-мировни операции, туку и за операции надвор од територијата на државата. Карактеристично е дека следната вежба ќе биде во мај кога ќе биде оценуван средниот пешадиски баталјон за сертификат за меѓународни мировни мисии, изјави Котевски.
Задоволство од денешната вежба изрази и министерот за одбрана Фатмир Бесими.
- Денешната вежба покажа висок степен на способност за изведување борбени дејства и нивна успешна реализација. Оваа единица има капацитет и со стандардите и соодветствува на барањата на НАТО, изјави Бесими.
На денешната вежба на армискиот полигон „Криволак“ учесниците покажаа огнена моќ на борбените единици и единиците за огнена поддршка на Првата механизирана пешадиска бригада заедно со единиците за воздушна поддршка.