Ковачевски - Борел: Потребно е достоинствено европско решение за спорот и деблокирање на преговорите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски за време на еднодневната работна посета на Брисел се сретна со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел.

Премиерот Ковачевски на средбата изрази благодарност за ангажманот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, за неговата континуирана и цврста поддршка за Република Северна Македонија.
 
Премиерот Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел, ја истакнаа потребата за брзо делување и за остварување на стратешкиот интерес и придобивка на ЕУ од проширувањето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан како приоритет за европската безбедност.

Во таа насока беше изразено дека е време за изнаоѓање на достоинствено европско решение за деблокирање на почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија.

За време на разговорот беше нагласено дека Владата останува посветена на реформите и нивната имплементација во борбата против корупцијата, владеењето на правото, дигитализацијата и зелената агенда.