Премиерот Груевски повика на обединување за решавање на проблемот со името

 

Премиерот Никола Груевски денеска од Детроит повика на обединување околу проблемот со името и повтори дека не може да дојде до решение на штета на интересите на македонскиот народ.

 

- Не прифаќаме никакво решение без тоа да биде одобрено на референдум од мнозинството од народот. Ниту едно или какво било решение не може да биде решение кое што ќе го загрози идентитетот на македонскиот народ, неговиот јазик - македонскиот јазик и македонската нација. Какво и да се бара решение, што и да се разговара, не може да биде прифатено ако пред тоа не помине на проверка на организиран референдум за граѓаните на Република Македонија, истакна Груевски при денешната посета на Детроит, град со многубројна македонска емиграција.

 

Тој повика и на сенародно сплотување околу идејата земјата да стане регионален лидер на секое поле.

 

- Овие средби не инспирираат, не обединуваат и не поттикнуваат во остварувањето на поставените возвишени цели за нашата држава и за нашиот народ, рече Груевски.


Претходно, во своето обраќање на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк премиерот Груевски истакна дека сме Македонци, зборуваме македонски јазик, а нашата земја се вика Македонија и побара од светските лидери за момент да се обидат да бидат во наша улога и да размислат како би се чувствувале кога некој би побарал од нив да не бидат Германци, Британци, Американци, Руси, Кинези...