Средби на министерот Попоски во Конгресот на САД
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски во Конгресот на САД имаше средба со претседателката на комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, Илеана Рос-Лејтинен, на која присуствуваше и членката на комитетот Џин Шмит.
Во фокусот на средбата со Рос-Лејтинен, информираат од македонското МНР, беше промовирањето на постигањата на Република Македонија во процесот на Евро-атлантско интегрирање на земјата, како и аргументите за добивање што побрза покана за членство во НАТО.
- Министерот Попоски истакна дека Република Македонија веќе ги исполни потребните критериуми за членство во НАТО и претставува значаен и признат контрибутор во мисиите на Алијансата, укажувајќи дека консензусот за прием на Македонија се уште е блокиран од страна на само една земја-членка и покрај одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Притоа изрази очекување дека претставниците на Комитетот за надворешни работи, принципиелно ќе се заложат за надминување на оваа состојба, соопшти МНР.
Изразувајќи благодарност за значајното учество на Република Македонија во мисиите на НАТО, Рос-Лејтинен подвлече дека нашата земја е докажан и доверлив партнер на САД и дека заслужува членство во Алијансата.
Во Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон, министерот Попоски имаше и работна вечера со претставници на администрацијата на САД и институции од сферата на надворешната политика.