Зголемување на платите во јавниот сектор ќе има и воведување на методологија за пораст на платите која што ќе зависи, како од порастот на трошоците за живот, од зголемување на просечната плата, така и од зголемувањето на перформансите на работниците. Ова го истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање, истакнувајќи дека продолжува социјалниот дијалог со ССМ, бидејќи одлика на оваа Влада е носење одлуки низ дијалог кој не беше опција на владата предводена од опозицијата.
,,Во јавниот сектор има вклучително и нас овде сите, 132 илјади работници и тие работници својата плата ја примаат од работниците во приватниот сектор. Работниците во приватниот сектор кога работат тогаш тие ја заработуваат својата плата, плаќаат персонален данок од својата заработка што ја заработиле, плаќаат пензиско и инвалидско осигурување, плаќаат социјално осигурување и ги плаќаат останатите давачки кон државата. Ние што работиме овде ништо од тоа не плаќаме, тоа ни го плаќаат даночните обврзници, даночни обврзници се тие кои што го полнат Буџетот од сумата која што ја остваруваат како приходи, дополнително и даноците кои што компаниите ги плаќаат како Данок на добивка, која што добивка пак ја остваруваат работниците во тие компании”, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека социјален дијалог со ССМ се однесува на вработените точно во јавниот сектор.
,,Вработените во јавниот сектор треба да имаат поголеми плати, но дијалогот треба да се води на 3 теми, првата тема е зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, вклучително и на сите овде пратеници, министри, претседател на Влада, институции и т.н, во која што методологија нема да биде земено само зголемија палтата, која што ќе ја платат вработените во приватниот сектор, туку треба да биде земено во предвид и зголемувањето на продуктивноста на трудот и давање на повисоки услуги на тие кои што ги обезбедуваат тие финансиски средства. Што значи дека таму разговараме за воведување на методологија која што ќе треба да обезбеди зголемување на платите, исто како што донесовме методологија за зголемување на минималната плата од година во година”, рече Ковачевски.
Премиерот најави воведување на закон за плати во кој што ќе се знае која ќе биде конзистентноста и структурата на платите во државата.
Ковачевски истакна дека такви закони се болни, голем дел од државна управа не сакаат да ги прифатат, бидејќи во секоја институција има вработени кои што имаат и над просечни плати, меѓутоа има и вработени во институции кои што имаат помали плати, подпросечни плати а врз кои што паѓа добар терет од работата меѓутоа заради хронолошки историски нерешени системски прашања тоа останало така.
Затоа јас давам задача и тоа беше јавно објавено како одлука на Влада, на Заменик претседателот за економски прашања, на Министерството за финансии, на Министерството за труд и социјална политика да изготват такво законско решение, а социјалниот дијалог со ССМ да се води во насока на воспоставување на методологија која што ќе обезбеди плати поголеми согласно со критериумите кои што ги кажав”, рече премиерот Ковачевски.