Честитка од премиерот Никола Груевски до припадниците на Еврејската верска заедница во Република Македонија

Почитувани,
Имам чест и особено задоволство, од името на Владата на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот Еврејски празник Рош Хашана и одбележувањето на почетокот на 5772 година според Вашиот календар, истовремено посакувајќи Ви претстојната година за сите претставници на Еврејската заедница да биде исполнета со радост, среќа, здравје и благосостојба.


Припадниците на Еврејската заедница оставиле силен белег во културниот, економскиот и општествениот живот во нашата земја, како и во развојот на севкупните односи помеѓу Република Македонија и Државата Израел. Уверен сум дека и во иднина припадниците на Еврејската заедница ќе продолжат да го даваат својот придонес за напредокот на нашата држава, која се темели на принципите на меѓусебна толеранција, разбирање и соживот, кои денес претставуваат и темелна вредност на современиот цивилизациски поредок.


Владата, и јас како Премиер, ќе продолжиме со своите заложби и активности за промоција на интересите на Еврејската заедница во Република Македонија, за заштита на нејзините традиционални вредности и за одбележување на нејзиниот придонес во развојот на земјата. Во тој позитивен дух на почитување на вредностите, сите заедно да продолжиме со ангажман на нашиот целокупен потенцијал во насока на обезбедување на можности за економски развој, благосостојба на населението и подобар стандард, унапредување на општествените дејности, и изградбата на модерна Република Македонија која ќе биде член на Европската унија и НАТО.

Уште еднаш, честитајќи ви го Вам лично и на припадниците на Еврејската заедница овој празник, примете ги изразите на мојата исклучителна почит.

Никола ГРУЕВСКИ