Јанкуловска: За криминал сите одговараат пред законот
Никој не може да се крие зад никаква припадност, криминалот е криминал и за него сите одговараат еднакво пред законот, рече денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, коментирајќи ги реакциите на дел од албанските партии и протестите против апсењето за случајот Смилковци.
- Чуствувам гордост затоа што полицијата успеа во едно рекордно брз рок да го разреши најкомпликуваниот случај со кој досега сме се соочиле. Можам на сите да им порачам дека ќе продолжиме да дејствуваме на ист начин и никој не смее и не може да се крие зад никаква припадност и зад никакви други сопствени видувања доколку направил криминал, изјави Јанкуловска пo oперативно-тактичка вежба на аеродромот „Александар Велики“ во рамки на одбележувањето на Денот на полицијата.
МВР во соработка со сите безбедносни служби работи на пронаоѓање на осомничените од акцијата монструм, кои се се уште во бегство. Јанкуловска рече дека МВР има фер и коректна комуникација со нив, која се надева дека ќе донесе резултат.
Министерката вели дека не знае за информациите на нивните семејства кои тврдат дека осомничените кои се во бегство, во Шпанија и Белгија, но ги повика ако не се виновни, како што самите тврдат, да се вратат во земјата.
- Без разлика дали е Белгија, Шпанија, Франција, Косово...доколку некој не чуствува одговорност нема зошто да бега од полицијата, рече Јанкуловска.
Министерката за внатрешни работи ги повика политичарите да се воздржат од коментари зашто политичката битка се води на друго место.