Јанкулоска им го честиташе Денот на македонската полиција на припадниците на МВР
Достоинството не се состои во поседување на почестите, туку во сознанието дека сте ги заслужиле. Вие имате потполно право да се чувствувате достоинствено. Не само заради тоа што денеска е вашиот ден, туку заради пожртвуваноста и професионализмот со кој одговоривте на сите предизвици, ставајќи се целосно во служба на граѓаните, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во честитката до сите вработени во Министерството по повод Денот на македонската полиција - 7 мај.
Граѓаните, вели министерката Јанкуловска, се свесни дека со вашата посветеност на чувањето на редот и законот, ја чувате слободата и демократијата и знаат да го ценат ризикот со кој се соочувате правејќи го тоа.
- Затоа одлуката што ја донесовте да им служите и да ги штитите е одговорност, но и израз на голема храброст, која надополнета со љубовта кон татковината ве прави херои и пример за идните генерации. Примете ја мојата најдлабока почит. Бидете горди на тоа што сте и тоа што го работите, вели министерката за внатрешни работи.
Според неа, проблемите ни случајно не може да бидат решени од циници и скептици чии хоризонти, како што вели, се лимитирани. За тоа, додава, се потребни поединци со идеи и визии кои знаат да се издигнат над моменталната ситуација.
- Изминатава година полицијата беше цел на непринципиелни напади на повеќе групи и поединци кои случајно или не ги користеа истите навреди во сите ситуации. Со сите конструкции и измислици немаа цел само да ве омаловажат, туку да ја раскинат блиската врска која ја изградивме со граѓаните и да го подгреат сомнежот во институциите, слабеејќи го капацитетот на државата. Успеавте во целост да се издигнете над овие непријатни моменти. На сите конструкции и измислици успеавте да се спротиставите со предаденост на работата и одбрана на Уставот и законите. На сите навреди успеавте да се спротиставите со реформи и воведување на нови практики кои уште повеќе не доближуваат до граѓаните, вели министерката Јанкуловска.
Според неа, никој не е вечен, но големите достигнувања, како што вели, градат споменик кој останува засекогаш.
- Затоа денеска мора да се присетиме и да им оддадеме должна почит на нашите колеги кои ги загубија своите животи за Република Македонија. Тие беа и вечно ќе останат со нас, бидејќи доколку се само минато, тагата и болката кои ги чувствуваме немаше да постојат. Цената на слободата и независноста секогаш била висока и ние секогаш сме ја плаќале. Патот кој и во иднина со сигурност нема да го одбереме е патот на виткање на рбетот, патот на потклекнувањето и предавањето, вели министерката Јанкулоска во честитката до припадниците на МВР, по повод Денот на полицијата.