Конференција „Проширувањето соочено со новите предизвици во ЕУ“

Европската унија е најуспешниот мировен проект на стариот континент, кој во континуитет од 70 години овозможи мир, безбедност и просперитет, а проширувањето е најуспешната политика на Унијата, беше истакнато на денешната меѓународна конференција по повод Денот на Европа, насловена „Проширувањето соочено со новите предизвици во Европската унија“ во организација на Европското движење во Македонија под покровителство на Собранието на Република Македонија.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во своето обраќање истакна дека членството во ЕУ не е одговор за се, а пример за тоа е Грција. Подвлече и дека ЕУ денес се соочува со досега најголемиот предизвик од основањето, но факт е, вели, дека проширувањата секогаш се случувале во време на најголеми кризи.

- Топката е на нашиот дел од теренот. Ние треба да ги истрчаме потребните километри за прво да придонесеме во мировниот проект на ЕУ и второ да ги адресираме предизвиците на начин како што тоа се прави во земјите членки на ЕУ. Силни сигнали испраќа фактот што и покрај кризата во Унијата проширувањето полека, но сигурно се одвива. Македонија, пак, е единствен пример од аспект на специфичната блокада која ни е наметната, а која не соодветствува на духот на заедничките вредности на Унијата. Таа околност не смее да доминира на главната агенда, а тое е дека имаме најсилна поддршка за членство, дека тоа е исклучително силен кохезионен фактор за нашето општество и дека Република Македонија  дефинитивно може да ја направи ЕУ побогата, постабилна и попросперитетна по членството отколку пред нејзиното члнество.  За тоа потребно е напорно да работиме и покрај наметнатата блокада, истакна Попоски.

Британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон подвлече дека Обединето Кралство силно го поддржува процесот на проширување на ЕУ и во тој контекст верува дека членството на Македонија во ЕУ ќе се случи многу поскоро со искористувањето на можностите што ги дава пристапниот дијалог на високо ниво.

- Овој дијалог на високо ниво ни нуди вистинска можност на Македонија во нејзиниот напредок кон Европската Унија. Обединетото Кралство сака да ги види преговорите отворени. Немаме никаков приговор кон тоа, меѓутоа се додека не дојде датумот кога Советот заеднички ќе донесе одлука, сметам дека овој дијалог на високо ниво дава можности за реформи на значаен начин. Доколку тие се случат, кога ќе почнат преговорите брзината на патувањето на Македонија ќе сруши рекорди, ќе биде повеќе спринт, отколку маратон, рече Ивон.

Дејвид Кален, раководител на одделот за Република Македонија во Директоратот на ЕК за проширување го поздрави пристапниот дијалог на високо ниво, кој ја доближува земјата поблиску до Унијата. Додаде, дека проширувањето е ригорозен процес, кој бара многу промени со конкретни остварувања и, вообичаено не е спринт туку маратон.