Грковска: Неопходен е координиран пристап за унапредување на состојбите во спортот, транспарентност и отчетност мора да има

Подобра координација меѓу надлежните институции и спортските организации, подобрување на регулативата за спорт, како и интензивирање на активностите кај младите за да се укаже на потребата од здрав начин на живот, се прашањата на кои денеска заменичката претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, разговараше со експертите од EPAS (Enlarged Partial Agreement on Sport), во рамките на Советот на Европа, предводени од Софи Квасни, извршна секретарка на EPAS за Европската Повелба за спорт.  

„Во рамките на активностите на мојот Кабинет значајно внимание посветуваме на младите, но и на подобрување на состојбите во спортот, особено во делот на транспарентноста и правилно користење на средствата кои ги добиваат од државниот буџет. Спортот е значаен сегмент во општеството и затоа мора да имаме координиран пристап во подобрување на состојбите во оваа област“, оцени вицепремиерката Грковска.

Таа информираше дека изминатиов период организираше две јавни конференции на кои отворено се зборуваше за состојбите во спортот, од кои произлегоа соодветни заклучоци, врз основа на кои сега нејзиниот Кабинет ја координира работната група составена од претставници од Агенцијата за млади и спорт, Министерството за правда и Државната комисија за спречување на корупцијата која работи на соодветни измени во Законот за спорт.

Од експертите од EPAS добивме целосна поддршка за започнатите процеси, при што истакнаа волја да дадат стручна поддршка и експертиза во процесот на подготовката на измената на законската регулатива.

Тие се согласија со ставот дека инвестирањето во младите и актуелизирањето на спортските активности е неопходно за здраво и функционално општество.

Во рамките на денешната посета на експертите од EPAS, Кабинетот на вицепремиерката Грковска ги координираше средбите што ги имаа и со претставници од Агенцијата за млади и спорт, Канцеларијата на претседателот на Владата, Министерствата за финансии, за одбрана, за образование, како и за здравство.

Состаноци беа организирани и со претставници од ДКСК, ОБСЕ, Град Скопје, Федерација „Спорт за сите“, Национален олимписки комитет, Национална федерација за училиштен спорт, Параолимписки комитет, Национална федерација за искачување, Триатлон Федерација, спортски новинари, карате и ракометни клубови, ракометна и кошаркарска федерација и други спортисти.