Груевски: Македонија да го добие тоа што го заслужи - членство во НАТО и преговори со ЕУ
Македонија се определи за евроатлантските интеграции како своја стратегиска цел, но на тој пат е попречена од еден виртуелен спор кој го имаме со една земја членка на ЕУ и на НАТО и наш сосед. Помогнете ни да го добиеме тоа што сме го заслужиле и вредно одработиле, членство во НАТО и преговори со Унијата.
Тоа го истакна премиерот Никола Груевски на свечената академија по повод Денот на Европа на која присуствуваше државниот врв, дипломатскиот кор и други гости.
- На мојата земја треба да и биде овозможено да исчекори напред на полето на европските и евроатлантските интеграции и да ги почне преговорите за членство во ЕУ и да стане член на НАТО. Сметам дека е исправно на Европскиот совет да биде прифатена препораката на ЕК за определување датум за почеток на преговори на Самитот на НАТО во Чикаго да бидеме примени за член и ова не е туку така само израз колку да ни помине денот, ова е јасно и недвосмислена порака од повеќе од два милиони луѓе и живи души кои ја трпат оваа неправда која енормно ни скрати од нашиот развој и нашата перспектива, порача Груевски.
Тој упати апел Македонија да го доби она што го заслужила.
- Апелирам, помогнете ни да го добиеме тоа што сме го заслужиле и вредно одработиле. Она што сите граѓани, сите политички партии и општествени групи како во ниедна друга земја го посакуваат и на кои им треба, кои достоинствено и работиливо го заслужија - членство на Македонија во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Не бараме награда или сожалување. Бараме да се валоризира и да се цени тоа што сме го сработиле и тоа ќе значи разбирање на потребите и интересите на нашите граѓани да имаат услови за понатамошен социоекономски развој и нови реформи и модернизација базирани на европските вредности, додаде Груевски.
Тој посочи, оти во изминатиот период државниот врв тропна на секоја врата за да убеди дека нашата идеја е чиста, дека немаме задни намери и оти сите критериуми сме ги исполниле. Побара и правда посочувајќи на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
- Дополнително светло на оваа мотивација и можност за напредок дава ставот на Меѓународниот суд на правдата дека на мојата земја треба да и се овозможи интеграција во меѓународните структури. Во НАТО и ЕУ без дополнителни услови кои не се наоѓаат на листата на копенхашките критериуми. Овој став на Судот чиј основач е ОН, меѓу кои и земјите-членки на ЕУ и НАТО, Суд кој е најголем гарант на меѓународното право и чија работа е базирана на високите европски и евроатлантски вредности на слобода, правда, владеење на правото и еднаквост ни дава нов поттик да ги надминеме сите предизвици кои постојат на патот на европската и евроатлантската интеграција остваруваќи односи на пријателство и соработка со сите земји-членки на Унијата, со сите земји од нашиот регион и со соседите. И верувам дека ЕУ и НАТО ќе ги почитуваат и ќе ги валоризираат овие вредности на Судот, рече премиерот Груевски.
Се осврна и на како што рече виртуелниот спор со Грција, која бара да се откажеме од уставното име на држвата и својот идентитет, што го чувствуваме како голема неправда.
- На кој било од вас граѓанин на Европа денес во 21. век да му се каже да не се нарекува Шпанец, Полјак, Германец, Естонец, Италијанец, Чех, Англичанец итн. е голема неправда и сериозно ги руши темелите на европската идеја која не е само голема економија и меѓусебна зависност заради гол интерес, туку е, како што кажав, многу, многу повеќе. Токму тоа и се случува на нашата земја и на нашиот народ. Голема неправда, рече Груевски.
Тој укажа на ЕУ и нејзиното политичко лидерство чија помош сигурно ќе претставува охрабрување, вели, за една мала земја со голема верба во европските и евроатлатнските принципи како што е мојата земја.
- Ние ќе продолжиме и во иднина посветено и ентузијастички со дијалог со нашиот сосед Грција за надминување на ова отворено прашање за изнаоѓање заемно прифатливо и одржливо решение без победници и поразени и ќе инсистираме на тоа и покрај сите околности за кои сме сите свесни. Од заеднички наш интерес е изнаоѓање решение. Интересот на Европа за ширење и нејзината политика на отворени врати се многу побитни од какви било парцијални цели на некоја единка од Унијата. Само Унијата може да даде конкретни одговори и таа е доволно силна на една држава да и гарантира заштита, да ја насочи и стимулира да не отстапи од евроидејата, порача премиерот Никола Груевски.