Премиерот Ковачевски во интервју за МИА вели дека крајната цел од членството во ЕУ се обезбедување придобивки за граѓаните и просперитет и стабилност на државата.
„Квалитетот на живот во Европа е нашата крајна цел и затоа јас често велам дека членството нам не ни е потребно само за да кажеме дека сме земја-членка на ЕУ, туку за да го промениме нашето општество кон подобро. Подобра инфраструктура, подобро образование, здравство итн.
Дополнително, она што е многу важно во овој контекст да се напомене е фактот дека со членството во НАТО и сега веќе и отпочнатите преговори, ние важиме за безбедна и сигурна земја во која инвеститорите сакаат да инвестираат. И тоа е веќе видливо, изминативе 10 месеци ние успеавме да обезбедиме нови 2.000 добро платени работни места за нашите граѓани преку новите странски и домашни директни инвестиции. Никој не сака да се занимава со земја која е заглавена во место, заглавена во минатото, но, денес со сите напредоци кои ги постигнавме, ние сме дестинација во која компаниите сакаат да инвестираат. И тоа и на краток и на среден и на долг рок, е огромна придобивка за граѓаните - подобри работни места, подобро платени работни места, повисок животен стандард итн.", рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски посочи дека мора посеопфатно да го разгледуваме пристапувањето во ЕУ. „Земјите кои станаа членки изминативе години имаат енормен економски раст, се далеку побогати од тоа што биле, граѓаните таму живеат по европски стандарди и вредности. И сето тоа е долг процес, не се случило преку ноќ сигурно, но полека но сигурно, сите се движеле напред.
Затоа е многу важно да не отстапуваме од нашиот европски пат, нашите граѓани заслужуваат подобар и побогат живот, патот до и самото членство во ЕУ апсолутно ќе го овозможи тоа”, истакна Ковачевски во интервјуто за МИА.