Средба на министерот Попоски со германскиот пратеник Бајер
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски денеска во Скопје, се сретна со германскиот пратеник и член на Комисијата за надворешни работи во Парламентот на Сојузна Република Германија, Петер Бајер.
Во фокусот на средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи, беше генералната политика за проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан, со акцент на важноста на придонесот на европските интегративни процеси во однос на стабилноста и просперитетот на регионот.
Министерот Попоски повтори дека членството во Европската унија останува врвен стратешки приоритет во надворешната политика на Република Македонија, при што информираше за интензивните заложби на Владата на Република Македонија во процесот на спроведување на зацртаните реформи и севкупната демократска трансформација на земјата согласно европските стандарди. Притоа, истакна дека што поскорото отворање на пристапните преговори со ЕУ ќе претставува бенефит не само за Македонија и регионот, туку и за самата Унија.
Пратеникот Петер Бајер од своја страна искажа поддршка на патот на Република Македонија кон остварување полноправно членство во НАТО, како и за што поскорешно отпочнување на пристапните преговори со Унијата, со акцент на динамизирање на процесот на спроведување на зацртаните реформи.