Ковачевски: Доделени нови 45 социјални станови, се грижиме за квалитетен живот на граѓаните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Гостивар во присуство на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, градоначалникот Арбен Таравари и директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Зоран Ѓоргијев доделија клучеви од новите домови на 45 семејства од социјално ранливи категории.

„Да имаш топол дом, кров над глава за своите деца, за семејството значи многу и навистина сум среќен што денеска сите заедно, овде во Гостивар ја споделуваме среќата на 45 семејства, на кои  им врачуваме клучеви од нивните домови“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во Гостивар.

Премиерот истакна дека предизвиците кои ги наметна тешката економска криза, не ја спречија Владата во реализација на спроведување на социјално-станбената политика

„Во изминатите 4 години изградени се и во фаза на изградба се 864 социјални станови. Оваа Влада обезбедува подобар и поквалитетен живот на ранливите категории граѓани.

Досега освен овде во Гостивар, распределени се станови во Македонски Брод, Струмица, Пробиштип, Виница, Свети Николе. Становите се доделуваат веднаш откако ќе се изградат, такви огласи за распределба на станови во тек се во Гевгелија, завршена е градбата на социјалните станови во Демир Капија и таму становите треба да се распределат. Во завршна фаза се социјалните станови во Неготино, а за над 500 наши сограѓани се градат социјални станови во Дебар, Бутел, Велес, Кочани и Сарај.

Нашата владина политика е за развој на секој дел од државата, затоа и социјалните станови кои ги градиме се наоѓаат низ целата држава. Така обезбедуваме рамномерен регионален развој и во извесна мера изедначување на станбениот стандард“, истакна Ковачевски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека Владата и Министерството ги преземаат сите мерки за ублажување на последиците од кризата и за обезбедување подобри услови за живот на сите граѓани.

„Овој месец само за десетина дена распишавме два јавни повици за распределба на социјални станови во Гевгелија и Демир Капија.  

Грижата за најранливите категории граѓани е посебно изразена сега во време кога ни претстои најголемиот предизвик со оправување од енергетската и економската криза.

И свесни сме за тоа. Но, сакам да уверам дека ги преземаме сите мерки за ублажување на последиците и за обезбедување подобри услови за живот на сите граѓани“, истакна министерот Бочварски.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари истакна дека набрзо домување ќе добијат уште 25 семејства од ранливите категории граѓани.

„Мило ми е што еден добар проект се реализира за гостиварци. Денеска 45 гостиварски семејства ќе бидат здомени во нови станови, а уште 25 се надевам во многу блиска иднина. Овие се убави работи кои што државата може да ги направи за социјално загрозените семејства“, рече Таравари.

Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, Ѓоргијев рече дека колективната, станбена зграда наменета за лица од социјален ризик и други социјално ранливи категории во Гостивар е со вкупна површина повеќе од 3.000 м2 и има П+4 со 2 влеза.

„Располага со 70 станбени едници, со површина од 33 – 44 м2. Сите имаат балкони со површина од 1 – 4 м2, 70 подрумски простории со површина од 4 – 10 м2, 18 паркинг места и пристап за инвалидизирани лица. Вкупната инвестиција на објектот изнесува 103.000.000 денари. Технички прием е направен во април 2021 година“, рече Ѓоргијев.


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска во Гостивар во присуство на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, градоначалникот, Арбен Таравари и директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Зоран Ѓоргијев доделија клучеви од новите домови на 45 семејства од социјално ранливи категории.

Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

„Во време на глобална криза, прво здравствена, потоа економска и енергетска, исправени сме пред предизвиците како најдобро да ги заштитиме граѓаните и стопанството. Неизвесноста која ја носат промените предизвикани од случувањата во светот, како Влада не дозволивме да бидат терет за нашите граѓани. Реалноста е дека економската криза доведе до огромна социјална несигурност насекаде во светот. Свесен бев од почетокот на кризата дека за Владата што ја предводам, еден од приоритетите треба да биде грижата за најранливите категории граѓани. Знаев дека тие ќе бидат најпогодени од кризата. Кому да му помогнеме и да бидеме негова поддршка и поткрепа ако не на немоќните лица, самохраните родители, граѓаните кои се со привремени вработувања, социјалните случаи...затоа на сите нив им дадовме поддршка во текот на целиот изминат период.

Денеска е убав ден за вас драги пријатели. Денеска ние сите заедно решаваме еден горлив ваш проблем, нешто што ве мачело, за некого од вас можеби било и нереално дека некогаш ќе се случи. Да имаш топол дом, кров над глава за своите деца, за семејството значи многу и навистина сум среќен што денеска сите заедно, овде во Гостивар ја споделуваме среќата на 45 семејства, на кои им врачуваме клучеви од нивните домови.

Јас многу пати досега сум потенцирал дека сите граѓани во оваа држава имаат подеднакво право на квалитетен и достоинствен живот. Уште на почетокот од кризата говорев дека никого нема да оставиме да се справува сам со предизвиците, тоа и го направивме. Со владините антикризни мерки обезбедивме поткрепа за 200.000 наши сограѓани од најранливите категории. Со антикризните мерки обезбедивме достоинствен живот за наши граѓани, а со тоа многу грижи оттргнавме од нивното секојдневие. Бевме поддршка на граѓаните на кои животот им наметнал и други предизвици со кои треба да се борат, здравје, грижа за деца, грижа за родител, грижа за нивните најблиски.

Колку и да беше тешко да се справуваме со предизвиците што ги наметна светската економска и здравствена криза, како Влада ниту се откажавме, ниту запревме во спроведување на социјално-станбената политика. Во изминатите 4 години изградени се и во фаза на изградба се 864 социјални станови. Оваа Влада обезбедува подобар и поквалитетен живот на ранливите категории граѓани.

Досега освен овде во Гостивар, распределени се станови во Македонски Брод, Струмица, Пробиштип, Виница, Свети Николе. Становите се доделуваат веднаш откако ќе се изградат, такви огласи за распределба на станови во тек се во Гевгелија и Демир Капија. Во завршна фаза се социјалните станови во Неготино, а за над 540 наши сограѓани се градат социјални станови во Дебар, Бутел, Велес, Кочани и Сарај.       
Нашата владина политика е за развој на секој дел од државата, затоа и социјалните станови кои ги градиме се наоѓаат низ целата држава. Така обезбедуваме рамномерен регионален развој и во извесна мера изедначување на станбениот стандард на сите граѓани.

Владата што ја предводам е определена да гради инклузивно општество. Посветено работиме да овозможиме  целосна социјална инклузија на граѓаните, за секого еднакви права и еднакви можности, подобар и квалитетен живот за сите.
Благодарам и на сите наши сограѓани кои од денес имаат свој топол дом, кои после долги години чекање да добијат свој сопствен покрив над главата, сакам да им посакам уште многу, многу години среќа, здравје и многу прослави во новите станови на нив и на нивните семејства.“