Ковачевски: Да останеме обединети и повторно на вистинската страна од историјата, никогаш повеќе антисемитизам, ксенофобија и фашизам

Одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, под покровителство на Владата на Република Северна Македонија а во организација на Еврејската заедница на РМ и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи, заврши со вечерен комеморативен настан во Националната опера и балет.

На настанот се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, како и претседателот на Еврејската заедница РМ - Пепо Леви, амбасадорката на Израел г-ѓа Симона Франкел и претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабин Ендру Бејкер.  

Оваа јасна и категорична порака премиерот посочи дека ја упатува, бидејќи историјата исто како и сегашноста на Република Северна Македонија докажуваат дека е секогаш на вистинската страна на историјата како демократи, за кои никој не е и не може да биде повеќе или помалку важен.

„И затоа имаме и морално право, но и вредности за да се спротивставиме на сите различни форми на говор на омраза и нетолеранција. Светот има потреба од гласноста на секој од нас, како народи, како држави, како луѓе- што поддржуваме, а што не поддржуваме. Што е правилно, а што погрешно.

Тоа определува во каков свет ќе живееме понатаму.

Тоа ја определува нашата заедничка иднина.“  - нагласи премиерот Ковачевски.

Затоа што, како што посочи премиерот Ковачевски и Холокаустот не почнал со концентрационите логори, туку почнал со антисемитизам и со ширење говор на омраза по улиците. Премиерот Ковачевски потсети дека на 11 март 1943 година, започнала депортацијата на македонските Евреи од Битола, Штип и Скопје, кога 7.144 деца, жени, мажи, биле ограбени, избркани од нивните домови и насилно собрани во тогашниот, таканаречен скопски Монопол, за да бидат депортирани во логорот на смртта во Треблинка, како дел од над шесте милиони Евреи кои биле убиени во нацистичките логори во светот.

„За да осигураме безбедна иднина за генерацијата после нашата, сите денес мораме да покажуваме дека сме извлекле поуки од минатото. А тоа ќе го направиме само ако застанеме одлучно против екстремни националистички и полулистички идеолигии, коишто водат кон фанатизам. Индиферентноста кон есктремизмот е соучесништво и е неприфатлива.

Овие вистини посебно, не смеат да подлежат на ревизионизам, тоа е рецепт за повторување на ужасните трагедии како Холокаустот.

А ние кои се сеќаваме сме должни да работиме активно и да оставиме поука за помладите од нас, за никогаш повеќе да не се повтори.  Да не биде прекинат, со ужасно зло, ниту еден детски сон.“ - повика премиерот Ковачевски.

На вечерашниот настан во Националната опера и балет, се обратија и претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, амбасадорка на Израел, Симоне Франкел, директорот за меѓународни односи на Американскиот Еврејски Комитет - рабин Ендру Бејкер.

„Жртвите на Аушвиц-Биркенау, Треблинка и многуте други логори на смртта, не смеат да бидат залудни, тие невини еврејски животи нека бидат залог на подобар живот на луѓето во целиот свет. Сите луѓе во светот имаат право да живеат во мир“, повика  претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви.

Директорот за меѓународни односи на Американскиот Еврејски Комитет - рабин Ендру Бејкер рече дека биле потребни децении за демократските држави од Западна Европа да ја признаат сопствената улога во Холокаустот, а денес, оние кои ја искривуваат историјата на Холокаустот, тоа го прават свесно и доброволно, за политичка целисходност. „Мора да ставиме крај на ова негирање и искривување“, порача рабинот Бејкер, посочувајќи дека светот тоа го должи на жртвите на Холокаустот, но, уште повеќе на идните генерации.

Амбасадорката на Државата Израел во земјава, Симоне Франкел, нагласи дека Евреите во земјава, живееле мирен, заеднички живот со другите заедници во земјава, богат со култура, традиција и слобода да ја практикуваат својата религија, што и денес се случува.

„Денес, иако заедницата е мала, ужива во истата почит и соработка со Владата. Овој одлично организиран настан е пример за тоа. Сакам да изразам благодарност до Владата на Република Северна Македонија и до македонскиот народ за тоа што во секоја прилика изразуваат пријателски однос кон мојот народ и држава“, рече израелската амбасадорка Франкел

Обраќањата ги следеа пратеници во Кнесетот на државата Израел, претставници на еврејски заедници од странство, министри и други претставници на Владата на Република Северна Македонија, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници од Канцеларијата на претседателот на државата, претставници на дипломатскиот кор во земјава, претставници од универзитетите, од МАНУ, од правосудството, од други институции во државата, претставници од парламентарни политички партии, други гости.

По обраќањата следуваше комеморативен филм за депортацијата на Евреите, а потоа и Комеморативен концерт изведен од Хорот на Националната опера и балет и од Филхармонијата на Република Северна Македонија.

Вечерашниот настан во Националната опера и балет е заокружување на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка со низа настани во коишто претставници на владиниот и државниот врв положија цвеќе и се обратија во сеќавање на жртвите од Холокаустот, со пораката да не се повтори „Никогаш повеќе“.
 


Обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски

Одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Еврејската заедница на РМ и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи, заврши со вечерен комеморативен настан во Националната опера и балет.
На настанот се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, како и претседателот на Еврејската заедница РМ- Пепо Леви, амбасадорката на Израел г-ѓа Симона Франкел и претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабин Ендру Бејкер.  

Во продолжение изјавата на премиерот Ковачевски во целост:

„ Никогаш повеќе антисемитизам, расизам и ксенофобија! Никогаш повеќе фашизам! 

Оваа јасна и категорична порака ја упатувам вечерва со мирна совест. Бидејќи нашата историја исто како и сегашноста докажуваат дека сме секогаш на правата страна на историјата. Демократи, за кои никој не е и не може да биде повеќе или помалку важен.

И затоа имаме и морално право, но и вредности за да се спротивставиме на сите различни форми на говор на омраза и нетолеранција. Светот има потреба од гласноста на секој од нас, како народи, како држави, како луѓе – што поддржуваме, а што не поддржуваме. Што е правилно, а што погрешно.

Тоа определува во каков свет ќе живееме понатаму.

Тоа ја определува нашата заедничка иднина.

Холокаустот не почнал со концентрационите логори, почнал со антисемитизам и со ширење говор на омраза по улиците. 

За да осигураме безбедна иднина за генерацијата после нашата, сите денес мораме да покажуваме дека сме извлекле поуки од минатото. А тоа ќе го направиме само ако застанеме одлучно против екстремни националистички и полулистички идеолигии, коишто водат кон фанатизам.

Индиферентноста кон есктремизмот е соучесништво и е неприфатлива. Овие вистини посебно, не смеат да подлежат на ревизионизам, тоа е рецепт за повторување на ужасните трагедии како Холокаустот. А ние кои се сеќаваме сме должни да работиме активно и да оставиме поука за помладите од нас, за никогаш повеќе да не се повтори. 

Да не биде прекинат, со ужасно зло, ниту еден детски сон. Никој насила да не биде ограбен и избркан од својот дом, како на 11 март 1943 година, кога започнала депортацијата на македонските Евреи од Битола, Штип и Скопје.

7.144 деца, жени, мажи биле насилно собрани во тогашниот скопски Монопол, за да бидат депортирани во логорот на смртта во Треблинка. Но ехото на ужаснатата загуба, на вкупно над шест милиони невини деца, жени и мажи во Холокаустот, што го слушаме и вечерва во оваа сала, ќе оддекнува за навек, за да потсетува на пораката – да не се повтори.

За нас сведочат и илјадниците паднати знајни и незнајни борци во антифашистичката борба. И народите тука секогаш заедно ги добивале битките, како што заедно ја добиле и битката против фашизмот. Меѓу нив имало и Македонци и Албанци и Турци и Срби и Власи и Роми и Бошњаци и сите други. 

Евреите во земјава потоа учествуваат и во создавањето на оваа држава. Евреите се и денес составен дел во мозаикот на етнички, верски, јазични, културни различности во Република Северна Македонија.  И државата заедно ја градиме во Еднакво општество за сите, со еднакви права и одговорности за сите граѓани.

Заедно обезбедивме атлантска иднина на Република Северна Македонија. Заедно одиме и по стратешкиот европски пат - и заедно ќе обезбедиме и европската иднина. 

Како функционална, мултиетничка демократија, нашата држава покажа пример во регионот, а и во Европа и во светот – што значи да се почитуваат, охрабруваат, бранат, негуваат различностите. А ние веруваме дека овие политики на пријателство и разбирање придонесуваат и ќе продонесуваат и во регионалниот и во европскиот безбедносен контекст.  

Покажавме на дело дека различностите по која било основа не се пречка, туку предност. И ова е нашиот орден.

Со мудри и одговорни политики, Република Северна Македонија ќе стане членка и на Европската Унија, процес за кој знам дека ја имаме и поддршката на македонските Евреи.

Почитувани присутни,

Цивилизациска одговорност на генерациите на денешнината е да градиме свет еднаков за сите.

Се соочуваме со војна на европскиот континент, што го потсетува светот дека борбата за рамноправност, демократија и право на сопствени определби, никогаш не завршува. 

Оваа војна, во која се случува огромно човечко патење, не потсетува зошто е важно што сме обединети и да останеме обединети. 

Сите ние кои во нашата срж го имаме антифашизмот, демократијата, прифаќањето на различностите мора да останеме обединети и повторно на вистинската страна на историјата.

За мрачните злосторства врз Евреите од Македонија, во логорот во Треблинка, како наша света должност кон починатите и кон преживеаните да ги сочуваме од заборав, за никогаш да не се повторат - во името на добрата заедничка иднина на сегашните и идните генерации.

Благодарам.“