Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, беше домаќин на претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјава.
Премиерот Пленковиќ, кој ја предводи високата делегација од Хрватска, беше пречекан со највисоки државни и воени почести во земјава.
Двете делегации имаа билатералната средба, по што, двајцата премиери одржаа заедничка прес-конференција.
„Владата на Северна Македонија и јас лично, ќе продолжиме засилено да работиме во насока на продлабочување на односите со Хрватска, проширување на соработката, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добрососедството.
Знам дека ова не е само мој личен или став на оваа Влада, туку став на секоја Влада од осамостојувањето на нашата држава до денес, бидејќи со Хрватска нѐ врзува не само заедничко минато, туку и желба за подобра заедничка иднина во ЕУ.
На ова треба да се додадат и неколку факти: нашите две држави немаат отворени прашања, во континуитет заедно го градиме и продлабочуваме политичкиот дијалог, ја зголемуваме економската и трговската соработка и постојано трасираме нови правци за меѓусебна соработка“, рече премиерот Ковачевски, во своето обраќање, на заедничката прес-конференција со премиерот на Хрватска, Пленковиќ, додавајќи дека за одличните билатерални односи зборуваат дури 44 склучени меѓународни билатерални договори и документи, а во фаза на иницијатива се уште 15 други договори.
Премиерот нагласи дека во наредниот период ќе се работи на унапредување на економската и трговска размена со Хрватска.
„Имаме потреба и од зајакнување на соработката и во сферата на туризмот и поддршка на Програмата за стручна едукација на македонски студенти по туризам на Јадранското крајбрежје, а од мај 2023 до октомври 2023, ќе биде воведена и сезонска линија Скопје-Сплит-Скопје, што е уште еден знак на продлабочување и на соработката и на лесниот и побрз транспорт на нашите граѓани помеѓу овие две земји“, рече премиерот Ковачевски.
Тој ја најави можноста за организирање на заедничка седница на двете влади со цел интензивирање на соработката.
Премиерот Ковачевски се осврна и на претстојниот процес на носење уставни измени.
„Уставните измени, кои подразбираат вклучување и на Хрватите во нашиот Устав, се пред нас и за истите се надевам и повикувам дека ќе успееме како општество да најдеме надпартиски консензус. Преку заштитата на правата на заедниците, го штитиме не само идентитетот на другите, туку и сопствениот, и заедничкиот, на кој се гордееме како функционално демократско, мултикултурно и мултиетничко општество, без разлика од каде доаѓаме.
Тој модел на соживот, на негување на различностите како основа за иден развој и прогрес го имате и вие, колега Пленковиќ, во Хрватска, и токму затоа, сум убеден дека ние, денес, сме на вистинскиот пат, кој ќе обезбеди европска иднина за нашите граѓани кои сакаат да живеат во Европската унија, но тука, дома, во својата родна земја членка на ЕУ.
Како Хрватите кои живеат во ЕУ меѓутоа живеат во ЕУ во Хрватска – членка на ЕУ“, истакна премиерот Ковачевски, порачувајќи дека темелите на државата се градат врз храбри државнички одлуки.
Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, во своето обраќање, на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски ги истакна одличните пријателски односи меѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија, како и партнерството и сојузништвото во рамките на НАТО.
„Сметам дека за неколку години Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, а Хрватска, на тој пат, од срце и без било какви услови и помага, веќе повеќе години. Можам да кажам дека станува збор за два пријателски народи, две пријателски земји и со нетрпение ги очекувам денешните разговори кои што ќе дадат една нова меѓудржавна димензија, меѓутоа и регионална и европска димензија“, истакна премиерот Пленковиќ.
„Задоволен сум што можам да се потсетам на она што го кажа премиерот Ковачевски, а тоа е кога Хрватска претседаваше со Советот, беше донесена нова методологија за преговори и тогаш беше одлучено да се отворат преговорите за приклучување на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ.
Сега сме во фаза тие финални процеси да ги забрзаме, тој пат да добие своја динамика и во контекст на давање на статусот на кандидат и на Украина и на Молдавија, како и условен кандидатски статус на Грузија, како и давање статус на кандидат на БиХ и фактот што и Косово декември минатата година поднесе барање, сега Северна Македонија може да го забрза тој процес.
Хрватска во тој процес ќе и помогне“, порача премиерот Пленковиќ, додавајќи дека сега е време да се повлекуваат вистинските потези и да се направат стратешки одлуки, кои што ќе овозможат раст на стопанството, како и подобра социјална ситуација на сите граѓани на Македонија.
Тој посочи дека еден од начините на којшто Хрватска и помага на Северна Македонија е и советодавната помош од г-нот Дробњак, главниот преговарач на Хрватска за преговорите со ЕУ, кој помага на Владата на Република Северна Македонија во однос на евроинтеграциите.
На планот на економијата, хрватскиот премиер Пленковиќ, истакна дека трговската размена веќе изнесува 300 милиони евра и дека му е особено драго што голем број на македонски туристи ја посетуваат Хрватска.