Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во Тетово се обрати на поставување камен темелник на проектот Коридор 8, со што се означи почетокот на изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште–Струга–Ќафасан.
На настанот се обратија и првиот заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, претседателот на Инфраструктура Bechtel, Шон Кени, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари и директор на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
На настанот присуствуваа и гости од Бугарската и Албанската влада и Собрание како и претставници од дипломатскиот кор, од стопанските комори и директори.
Според премиерот Ковачевски, денешниот чин е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодат ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на трите земји кои ги поврзува Коридор 8, и на сите кои ќе минуваат низ него.
- Коридорот 8 и 10 се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 е изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри. До денес, овие два коридора биле само план на хартија, кој никогаш не бил реализиран од разни причини. Денес тоа се менува. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само со север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега станува вистинска крстосница. Тоа е нашата иднина, единствено со вложување во капитални проекти обезбедуваме можности за стопанството, за бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, патно поврзување на целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија и отвора нови европски рути и воспоставува поврзување со регионот, што е од исклучителна важност за нашата економија, посочи премиерот Ковачевски.
Првиот заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби се заблагодари за поддршката на сите кои ја дале за отпочнување на проектот , кој како што посочи е голем настан во градежништвото во земјата.
- Денеска само сакам да ви се заблагодарам. Да почнам од премиерот Ковачевски за целата негова поддршка на проектот, но исто така не би сакал да го заборавам и поранешниот премиер Заев за поддршката која што ја даде за овој проект. Да му се заблагодарам на претседателот на собранието и сите пратеници кои што гласаа во собранието за посебниот закон за изградбата на коридорот 8. Да им се заблагодарам на градоначалниците...Навистина сум исклучително многу горд што конзорциумот предводен од Бехтел и Енка ќе ги гради коридорите 8 и 10д. И што со нив одбележуваме еден голем настан во градежништвото во земјата. Повеќе од сите сакам особено да му се заблагодарам на еден човек кој што ни го даде неговиот сон и ни овозможи да се реализира. Драг претседателе и оваа работа се заврши, рече Груби.
За претседателот на ДУИ, Али Ахмети со изградбата на Коридорот 8 им се подобрува животот на луѓето и им се олеснува нивното движење, а со тоа директно се влијае на економијата на државата.
- Да им се подобри животот на луѓето, да им се олесни нивното движење, да напредуваш и директно да влијае на економијата, на развојот на државата е пред се да поставиш мостови меѓу целиот Балкан тоа е многу благородна работа, тоа директно ќе служи во поцврсти пријателски односи, поцврсти врски меѓу економиите, во поголема динамика на животот на луѓето, ова е чудото и сакам да им честитам, многу здравје и многу успеси на компанијата Бехтел и Енка и им посакувам многу успеси и што побрзо да се заврши нивната програма според нивната агенда. Со среќа нека биде овој настан, изјави Ахмети.
За амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, ова е посебен ден за земјава, за Западен Балкан и за цела Европа.
Почестена сум и возбудена што сум дел од оваа пригода. Ова е навистина многу голема работа за САД и американскиот бизнис тука во Северна Македонија. Подобрувањето на патиштата во СМ е од витално значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, стоките и да се движат инвестициите. Коридор 8 ќе помогне на СМ да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи. Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и иднината на сите земји поврзани со коридорот 8 и пошироко, посочи амбасадорката Агилер.
Претседателот на Инфраструктура Bechtel, Шон Кени пак, посочи дека е почестен што ќе работат со Владата на Северна Македонија, со институции како и со локалните власти на овој возбудлив инфраструктурен проект кој ќе ја подобри поврзаноста на регионот и ќе ја прошири локалната економија.
- Партнерството БЕХТЕЛ и ЕНКА испорачува резултати за нашите клиенти, имаме долга историја на успешно завршени високи квалитетни автопати на Балканот и навремено испорачување. Ова партнерство високо го вреднува целиот проект и ќе ги користиме локалните добавувачи, ќе обезбедиме вработување на локалното население како и долгорочно снабдување на градежни работници кои ќе ни бидат достапни и за идните градежни потфати. Со нетрпение го очекуваме завршувањето на овој автопат кој е од витално значење, рече Кени.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски посочи дека овој камен темелник е доказ за посветената работа на институциите, на добрата координација, доказ за силната посветеност, да се избориме и да започнеме со реализација на предизвикувачки најголемиот капитален инфраструктурен проект досега.
- Од тука, започнуваме со изградба и модернизација на Коридор 8 и 10 д, нови автопатски делници со вкупна должина од 108 километри. Сакам да потенцирам дека за прв пат воведуваме нов модел во изградбата на патиштата кој низ Европа дава резултати. Се со цел да ја забрзаме изградбата на Коридорите, изведувачот ќе го примени принципот на “проектирање и изградба” а тоа подразбира дека на изведувачот му се дава обврска да проектира по делници и да гради. Очекувам добро менаџирање со проектот и верувам дека компанијата Изведувач како светски реномирана компанија, ќе покаже силна акција, модерни методи и технологии на терен, а тоа е предуслов на зајакнување и на капацитетите на домашните градежни компании. Имаме силна желба, имаме мотив и знаење да направиме сериозен чекор и преку доизградбата на Коридорите, земјава да ја потврди својата позиција на вистински центар и крстосница на Балканот, рече Бочварски.
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари посочи дека е среќен што присуствува на настан кој е еден од најголемите капитални инвестиции во земјава.
- Има една изрека која вели дека една држава е развиена толку колку што има патишта, или една друга, кралицата на комуникацијата се патиштата. Почнувајќи од ова, ова е многу важно за регионот и за РСМ. Доколку тргнуваме од тоа дека коридорот 8 не ги поврзувам само градовите, но ги поврзува и државите, тогаш ова е една од најголемите инвестиции во развојот на РСМ. Јас се надевам дека компанијата која што ќе ги изведува работите, ќе ги изведува така како што се зборува за нив, дека се едни од најдобрите компании кои што градат патишта во регионот, така ќе биде и во Македонија и посакувам што побрзо да уживаме во овој пат, особено јас кој што ова насока ја поминувам скоро секој ден, насока низ која што поминуваат околу 12 илјади автомобили во ден и се надевам што побрзо ќе се заврши, посочи Таравари.
Според директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми Во следните четири години и седум месеци ќе бидат изградени четирите патни правци од ова европска автопатна мрежа.
- Во следните четири години и седум месеци, со Договорот за изградба на инфраструктурните Коридор 8 и Коридор 10-д, со стратешкиот партнер Конзорциумот “Bechtel & Enka”, ќе бидат изградени четирите патни правци од ова европска автопатна мрежа: Автопат Тетово – Гостивар; Автопат Гостивар – Букојчани; Автопат Требениште – Струга – Ќафасан и Автопат Прилеп – Битола. Да илустрирам во бројки: Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати. Односно, по 5,8 километри автопат годишно. Со овој Договор ќе се изградат околу 110 километри автопатишта во следните 4,7 години – или по 23 километри автопат годишно. Ние градиме за идните генерации, изјави Рустеми.