Ковачевски: Обезбедивме повисоки плати и пензии кои континуирано ќе растат, го заштитивме стандардот на граѓаните

„Социјалдемократска партија која ја предводи Владата, ги негува и имплементира социјалдемократските вредности. Преку неколкуте пакети антикризни мерки обезбедиме зголемување на минималната плата. Оваа година постигнавме 100% зголемување споредбено со 2016 година. 

Обезбедивме континуирано зголемување на просечната плата и ги зголемивме и пензиите. Во март 2023, споредено со март 2016, просечната пензија се зголеми за 47% додека минималнта пензија се зголеми за 60%. Само со ваков одговорен пристап се можни вакви подобрувања во вака краток период“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во своето предавање кое го одржа на Дипломатската академија Виена, во Виена- Австрија, зборувајќи на тема „Почеток на пристапни преговори со Северна Македонија: Нова динамика во проширувањето на ЕУ“.

Премиерот Ковачевски, при тоа, истакна дека токму напорната работа, грижата за граѓаните и бизнис заедницата, од Светската Банка биле оценети како највисока поддршка во регионот.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека во време на најтешка есен и зима, Владата успеа не само да го заштити стандардот на граѓаните, туку да ги врати парите назад кај граѓаните, што е суштината на социјалдемократијата премиерот изрази задоволство од препознаените напори на Северна Македонијан од страна на ЕУ со што не изостана нивната поддршка, особено за проекти во енергетскиот сектор кои би обезбедиле забрзана енергетска трансформација на земјата.

„Како премиер и претседател на СДСМ, се гордеам што како водечка партија ја свртевме државата кон европската агенда и не дозволивме напредокот на земјата да биде жртва на домашната политика. Не дозволивме внатреполитичките спорови да ги стават настрана реформите потребни кон приближување на стандардите и законите на Европската унија“.

Премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија во носењето на закони ќе го зајакне фокусот во реформата во јавната администрација, механизмите за владеење на правото и борбата против корупцијата. 

Премиерот Ковачевски нагласи дека постои силна политичка волја и искрена желба за напредок во евроинтеграциите, како и јасно поставена цел, членство во големото европско семејство до 2030 година.